Јапонија денеска, по три години, ја укина обврската за носење маски, но речиси ништо не се промени во земјата која високо ја ценеше ефикасноста на маските во заштитата од коронавирусот. Повеќето патници кои ја напуштаа главната железничка станица во Токио утрово носеа маски додека одеа на работа, а истото важи и за луѓето што шетаат низ улиците.
За време на состанокот на парламентарната комисија за буџет, некои пратеници сè уште носеа маски иако премиерот Фумио Кишида не носеше маска кога денеска пристигна во својата канцеларија. Навивачите на бејзбол, кои се собраа пред стадионот во Токио неколку часа пред натпреварите Австралија-Чешка и Кина-Јужна Кореја, исто така, носеа маски иако можеа да навиваат и да ги гледаат натпреварите без маски.
Укинувањето на мерката за носење маски е еден од најновите чекори што јапонската Влада ги презема за да ги олесни правилата за коронавирус додека се обидува да ја зајакне деловната активност.
Од денеска, носењето маски е оставено на индивидуална проценка. Никого не присилуваме да ги носи. Мислам дека ќе има уште прилики кога ќе ја симнувам маската, изјави премиерот Кишида по пристигнувањето во канцеларијата.
Сепак, тој побара од луѓето да носат маски во близина на ранливите групи луѓе со цел да ги заштитат од ризикот од инфекција. Рестораните, продавниците и авиокомпаниите ги отстранија таблите со кои се бара од клиентите задолжително да носат маски, но многу од нивните вработени сè уште ги носат за да покажат разбирање кон клиентите и другите на кои им е потребна заштита.
Г.Т.