САД го охрабруваат кинескиот претседател Си Џинпинг директно да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопшти Белата куќа, по веста дека кинескиот лидер телефонски ќе разговара со својот украински колега.
– Го охрабруваме претседателот Си да му се обрати на претседателот Зеленски, бидејќи веруваме дека Кина и самиот Си треба директно да ја слушнат украинската перспектива, а не само руската страна за ова, изјави американскиот советник за национална безбедност Џек Саливан.
– Ние, всушност, се залагавме кај Пекинг тој контакт да се оствари, рече тој, додавајќи дека САД го охрабриле тој разговор јавно и приватно.
Саливан додаде дека американските власти „разговарале со своите украински колеги“ и оти Украинците не добиле официјална потврда дека ќе има телефонски повик или видео конференција со Си.
– Се надеваме дека ќе има. Тоа би било добро бидејќи потенцијално би донело поголема рамнотежа и перспектива за тоа како Кина пристапува кон ова прашање, рече Саливан.
Тој изрази надеж дека тоа ќе продолжи да ја одвраќа Кина да одлучи да обезбеди помош за Русија.