Акцелераторот УКИМ на 13 март 2023 година во просториите на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, ги претстави резултатите од работењето во изминативе четири години и ги презентира новите три инвестиции во стартап компании пред повеќе од 100 гости од академската заеедница, приватниот сектор и инвеститори.
Акцелераторот УКИМ е основан во 2018 година од страна на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, и уште три содружници со специјалност во управување со инвестициското портфолио и развој на бизнисот: РСМ Македонија, развојната фондација Кримсон и Фондацијата Проф. д-р. Димитар Стамболиев.
Овие партнерства го прават Акцелераторот УКИМ единствен во неговата способност да обезбедува квалитетни и уникатни услуги за заедницата на иноватори и претприемачи, како и совршена можност да се поврзе академијата со приватниот сектор.
Во презентација на најновите инвестиции учествуваа Тамара Димитрова, ко-основач на Импала, Игор Арсовски, основач на М-Букинг софт и Енес Ибраими, ко-основач на Клони софтвер. Модератори на панел дискусијата беа: Александар Стамболиев и Нина Атанасовска од Акцелераторот УКИМ. Свои обраќања за потенцијалите на стартап компаниите во нашата земја имаа проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректор на УКИМ, Фатмир Битиќи, заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции и Фестим Халили, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, додека за постигнувањата на Акцелераторот УКИМ во изминатите четири години говореше Јаглика Јорданова Андријеска, Управувачки партнер на РСМ Македонија.
„Преку воспоставување на партнерства за соработка на академијата со стопанството, целокупниот потенцијал, знаење и вештини како академска заедница го ставаме на располагање за подобрување на иновациите, а преку тоа директно и на бизнис климата. Со формирањето на Акцелераторот УКИМ ја покажавме и својата општествена одговорност да му помогнеме на човештвото кое особено изминативе години се соочуваат со сериозни кризи и предизвици и потребата научните и стручни капацитети на нашиот Универзитет да ги ставиме во функција на општествениот и технолошкиот развој. Нашиот придонес во развојот на старт ап компаниите се состои од пристапот до експерти од сите научни подрачја, големиот број лаборатории и материјални ресурси со кои располагаме, и заедно со останатите содружници им овозможуваме меѓународно вмрежување и влез на глобалниот пазар”, изјави проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректор на УКИМ.
“За младите бизниси инкубаторите и акселераторите се исклучително важни и мислам дека досега имаме многу направено, но истовремено сум свесен дека за вас тоа не е доволно и дека треба уште. Бидејќи вие сте моторот на новото време, турбините на современите економии. Затоа веќе со години трпеливо го градиме еко системот кој ќе ви овозможи шанса.
Силно верувам во поттикнување на стартапите и новите иновативни компании, вие сте тие кои ќе не воведат во четвртата индустријализација. Со вас можеме да решаваме голем број на социјални и општествени проблеми, да ги користиме најоптимално ресурсите и да ги дигитализираме нашите компании и институции, и заедно со вас да работиме на поголема инклузивност и диверзификација, со единствена цел да имаме подобар економски и општествен развој. Му честитам на акцелераторот УКИМ и им посакувам големи успеси на компаниите”, кажа во неговиот говор заменик претседателот на Владата, Фатмир Битиќи.
„Навистина ме радува што Акцелераторот УКИМ денеска покажа дека проектот кој го започнавме пред четири години заедно со Светска Банка, резултира со успех и јасно покажува дека Република Северна Македонија е на добар пат да биде стартап хаб во регионот. Акцелераторите имаат клучна улога во националниот систем за иновации и претставуваат вистинско место за стимулирање на иновативни стартапи. Акцелераторот УКИМ кој инвестираше €533,000 во 10 стартапи, и е еден од трите акцелератори кои беа поддржани од ФИТР преку јавниот повик за воспоставување, работење и инвестиции во деловно технолошки акцелератори, денеска покажа дека македонските стартапи сериозно работат на својата инвестициска подготвеност, но и дека со заедничка соработка и поддршка можеме побрзо да растеме и да се развиваме” изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
„Особено ме радува фактот што Акцелераторот УКИМ идентификува 10 стартап компании во Македонија и во нив инвестираа вкупно над половина милион евра. Комерцијализацијата на решенијата е она што е потребно за да се тестира пазарниот потенцијал, а за да се дојде до таа фаза, потребно е некој да верува и да инвестира средства во вас. Токму тоа го правиме преку акцелераторот УКИМ и едвај чекаме да видиме што ќе донесе иднината за нашите стартапи и нивниот раст”, Јаглика Јорданова Андријеска, Управувачки партнер на РСМ Македонија.
„Импала е клауд базирана платформа достапна за користење за секој професионалец или компанија која сака брзо и едноставно да го анализира однесувањето и перцепцијата на своите корисници, преку напредни методи од невромаркетинг – следење на движење на очите и препознавање на емоционалниот одговор кој го даваат за конкретните стимули или прашања”, Тамара Димитрова, ко-основач на Импала.
„Целта на решението Меракци е преку дигитализирње на туристичкиот сектор во регионот, да им понуди на крајните корисници едно дигитално решение преку кое ќе можат брзо да пребараат низ стотици аранжмани, во моментот недостапни и сегментирани онлајн, за потоа лесно да го одберат и букираат своето следно патување”, изјави Игор Арсовски, основач на М-Букинг софт.
„Клони е револуционерна платформа која овозможува секој да биде успешен крипто трејдер независно од нивното финансиско искуство. Нашата мисија е да им помогнеме на луѓето да се запознаваат со крипто светот и да си ги освојат светот на крипто валутите со многу помалку време и труд”, изјави Енес Ибраими, ко-основач на Клони.
Досегашните постигнувања се само најава за она што следи, најавуваат од Акцелераторот УКИМ.