Започнуваме историски најголема градежна офанзива преку договорот на државата со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за 1,3 милијарди евра, рече пратеникот на СДСМ, Мие Талески во гостувањето во ТВ24.
„Се започна со одлука од Собранието поддржана од пратеници од власта и опозицијата за стратешко партнерство со конзорциумот. Станува збор за четири делници: Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар, Гостивар-Будојчани и Требениште-Струга-Ќафасан. Тоа се големи делници што значат поддршка на граѓаните, стопанството и економијата“, рече Талески.
Тој додаде дека околу 650 милиони евра ќе бидат вложат во македонските градежни компании.
„Апелираме како коалиција да не се фрла сенка на вакви крупни проекти кога со пари од граѓаните се инвестира во автопатишта. Тие не се трошат на врби и стиропор. ЕУ го прогласи Коридорот 8 како главен проект и ние имаме обврска да го изградиме коридорот. Ова не се локални компании што денеска ќе го почнат коридорот, а утре нема да го завршат. Тие граделе и во Хрватска и во Албанија“, кажа Талески.