Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на брифингот со новинарите во Брисел порача дека државава не треба да го пропушти политичкиот моментум што го има оваа година во пристапниот процес, најавувајќи во исто време дека ќе се формира експертска група којашто ќе ги формулира амандманите за уставните измени.
Маричиќ најави дека ќе поканат неколку видни експерти по уставно право, но, како што рече, вратата ќе ја остават отворена и за сите политички партии коишто ќе бидат поканети да номинираат свои претставници со цел да се формулираат уставните амандмани.
Тој потоа очекува и поширока општествена расправа пред уставните измени да влезат во Собранието, во која би се дискутирало и за самите амандмани, но, како што рече, и да се почувствува импулсот на граѓаните.
Маричиќ потсети дека уште кога бил прифатен францускиот предлог, ставот бил дека таа обврска не излегува надвор од концептот на нашиот Устав ниту, како што кажа, повредува некои од основните принципи на највисокиот правен акт со додавањето на неколку заедници меѓу кои и Бугарите, не го менува карактерот на нашата држава, ниту пак она што веќе е утврдено со уставните измени од 2001 година.
Дециден е дека немаме повторно можност да ги преговараме условите под кои ќе пристапиме кон ЕУ. Вели дека Преговарачката рамка е усвоена и таа нема да биде повторно предмет на дискусија. Тој оценува дека одредени политички актери даваат некаква лажна надеж, особено, како што кажа, од најголемата опозициска партија, дека е можно повторно да се преговара францускиот предлог и да се издејствуваат подобри услови под кои би пристапиле кон ЕУ.
Тој вели дека тоа е невозможно и дури да се тргне по тој пат и како што вели, тоа би можело да значи уште еден циклус од десетина, 15 години.