Ние би можеле да посакаме да биде експерт и добар професионалец кој што ќе ја води Владата и ќе ги организира изборите, но ценам дека ваквиот договор повеќе дава наклон кон предлог на премиер кој што ќе ја има поддршката од експонентите на ДУИ, вели политичкиот аналитичар и поранешен министер, Имер Селмани во разговор за „Локално“ на тема „прв премиер Албанец на Македонија“
Во суштина, според него, првиот премиер Албанец нема да значи ништо и нема ништо да менува за иднината на земјата.
-Премиерот е само на неколку месеци пред одржувањето на редовните избори. Тој само треба да ги координира институциите и да ја води Владата. Од суштински аспект нема да менува ништо, но од симболичен аспект ќе има значење затоа што ќе биде прв премиер Албанец во независна Република Северна Македонија и со тоа ќе се исполни договорот меѓу Заев и Ахмети, вели Селмани.
Сепак соговорникот е дециден дека ДУИ ќе даде свој предлог, без разлика што според Законот, СДСМ како најголема владеачка партија треба да излезе со предлог.
-Јас мислам дека договорот суштински е договор да кандидатот биде предложен од ДУИ. Формално правно, СДСМ како најголем партнер треба да го предложи предлогот до претседателот на државата за одобрување, но суштински договорот значи ДУИ треба да го даде својот предлогот, оценува Селмани.