Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави, Габриел Ескобар, по средбата со претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека очекува позитивен резултат од средбата во Охрид и дека е оптимист „за мирно решение меѓу Косово и Србија“.
Ескобар посочи дека САД ја поддржуваат секоја можност што го води регионот кон евроатлантските интеграции и дека европскиот предлог е добра можност за мир.
„Овој европски предлог олеснет преку дијалогот на Европската унија дава исклучителна можност за мир и стабилност меѓу две важни земји од регионот. Како најголем поддржувач на Косово во светот, имаме намера ова да функционира во Косово, но не само во Косово, туку и во целиот регион, за да отклучиме дел од ресурсите што ги обезбедува Балканот. Очекувам позитивен резултат во Охрид, голем оптимист сум за можноста за мирно решение за Косово и Србија. Се надевам дека по сабота ќе имаме добри вести“, изјави Ескобар.