Сојузот на средношколци денеска ќе одржи вонредна седница на Генералното собрание чија единствена точка на дневниот ред ќе биде државната матура. Пред да ги претстави своите барања, Сојузот чувствува обврска да објасни зошто барањето да се укине еден интерен испит е спротивно на интересите на средношколците. Накратко, интерните испити се полесни од екстерните, а нивното укинување ќе им ја намали можноста на нашите матуранти да се запишат на универзитетски студии.
Како резултат на преговорите кои Сојузот ги имаше со Владата во 2021 година, државната матура моментално се состои од два екстерни испита (мајчин јазик; странски јазик / Математика) и два интерни испита (по избор на ученикот). Доколку се укине еден интерен испит, можноста да се запишат на факултет огромното мнозинство средношколци – околу 80 отсто според анализа на Институтот за комуникациски студии – ќе биде сериозно намалена и нарушена. Едноставно факултетите нема да можат да ги бодираат кандидатите чии испити би содржеле само Македонски јазик и литература, Англиски јазик или Математика, и уште еден изборен предмет. Ова особено важи за ученциите кои планираат да студираат во странство.
Анализата на Сојузот покажува дека укинувањето на еден интерен испит ќе им наштети на нашите ученици кои аплицираат за студии во странство бидејќи нема да имаат доволен опсег на предмети. На пример, медицинските факултети во Велика Британија бараат од секој кандидат да приложи најмалку испит по Биологија и по Хемија, а испитот по Англиски јазик им служи на странските кандидати да докажат дека го познаваат јазикот. Бидејќи испитот по мајчин јазик не е прифатен на странските факултети, нашите матуранти ќе бидат ставени во подредена положба. А нивниот број не е мал.
Според Државниот завод за статистика, има околу 17 илјади матуранти во Република Северна Македонија. Според ИКС, само во Словенија се запишуваат над 1.300. Овој број не ги вклучува македонските студенти од прва година на приватните универзитети во Словенија, што значи дека најверојатно бројот е поголем. Според Фондот за здравствено осигурување, секоја година имаме дополнителни 300-400 матуранти кои студираат во уште 17 други земји од Европската унија, Западниот Балкан и Турција. Само оваа година државата стипендира 37 матуранти т.е. бруцоши кои студираат на првите сто универзитети од Шангајската листа. Земајќи ги предвид и студентите кои студираат во САД и Велика Британија без државната стипендија, Сојузот со сигурност тврди дека секоја година има над 1.700 матуранти кои студираат во странство, а проценува дека бројот може да достигне и 2 илјади, т.е. околу 12 отсто од вкупниот број матуранти.
Укинувањето на еден интерен испит ќе им ги уништи трудот, амбициите и сонот на овие средношколци, а со сличен проблем може да се соочат и матурантите кои ќе студираат на домашните универзитети ако и тие решат да бидат построги при уписот, имајќи на ум дека факултетите се автономни институции.
Понатаму, нелогично е барањето да се укине еден интерен испит поради фактот дека интерните испити се полесни за ученциите во споредба со ектерните. Просечната оценка на интерните испити е значително повисока од просечната оценка на екстерните испити. Младинските амбасадори на Сојузот оваа недела контактираа со своите училишта и побараа статистички информации околу успехот на интерните испити. Од досегашните наоди, утрвдивме дека на повеќето интерни испити 99% од оценките се 5 (петка) и 4 (четворка), односно двете највисоки. Исто така, нашата анализа покажа дека неретко се случува просечната оценка на дадени интерни испити да биде 5.00. Оттука Сојузот не разбира како укинувањето на еден интерен испит е во интерес на средношколците имајќи предвид дека успехот на средношколците е значително повисок на овие испити, што значи дека тие носат повеќе поени при уписот на факултет.
Честите соопштенија на групите кои ги организираат протестите неделава покажаа дека лицата коишто стојат зад нив не ја познаваат државната матура баш најдобро. На пример, беше побарано МОН да објави кој испитен материјал е скратен, а таа информација уште од минатиот месец е јавно достапна на веб-страницата за државната матура (matura.gov.mk). Зачудува барањето МОН да објави кој материјал е скратен, кога всушност Државниот испитен центар е надлежната институција за ова прашање.
Од овие причини Сојузот на средношколци смета дека е прилично лесно на јавноста да ѝ се пласираат непромислени и популистички барања и мерки кои не се базирани на факти, статистики и докази. Борбата за квалитетно образование е навистина тешка и оттука ја прашуваме јавноста каде беа овие групи кога Сојузот секојдневно реагираше на дојавите за бомби и бараше нивно итно решавање?
Ние јавно кажавме дека за оваа генерација сите четири наставни години беа нарушени. Токму затоа нашето Генерално собрание ќе донесе неколку конкретни барања кои истовремено ќе се во интерес на сите средношколци и ќе го прилагодат и олеснат полагањето на државната матура. Овие барања ќе бидат јавно објавени штом Собранието ги усвои, стои во соопштението.