Унгарија нема да го уапси рускиот претседател Владимир Путин доколку влезе во земјата, изјави денеска шефот на кабинет на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гуљаш, појаснувајќи дека за тоа не постои правна основа.
Унгарија го потпиша и ратификуваше Римскиот статут за основање на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Минатиот петок судот во Хаг издаде налог за апсење на Путин, обвинувајќи го за воено злосторство сторено со илегално депортирање на стотици деца од Украина.
На прашањето дали Путин ќе биде уапсен доколку дојде во Унгарија, Гуљаш кажа дека Римскиот статут не е инкорпориран во унгарскиот правен систем.
-Можеме да се повикаме на унгарскиот закон и врз основа на него не можеме да го уапсиме рускиот претседател (…) бидејќи статутот на МКС не е стапен во сила во Унгарија, рече Гуљаш.
Тој, исто така, кажа и дека унгарската Влада „не зазеде став за налогот за апсење на Путин. Ваквите одлуки не се најсреќни бидејќи придонесуваат за натамошна ескалација на конфликтот, а не за мирот“, додавајќи дека тоа е негово лично мислење.