Група македонски државјани набргу ќе добијат кривични пријави за тероризам и ќе одговараат за лажните дојави за бомби во училиштата и други објекти, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Веќе поднесовме една кривична пријава против еден малолетник и практично навлегуваме во една група на лица коишто учествувале во праќањето на дојавите по електронски пат и токму користењето на VPN адреси итн. и сме во позиција за која за многу скоро време целата таа група ќе биде комплетно разоткриена, ќе бидат поднесени кривични пријави за делото тероризам. И ова како појава нас ни овозможи практично да направиме и промени во делот на протоколите за постапувањето, вели Спасовски во интервјуто.
Објаснува дека било потребно добра подготовка и повеќе време и интензивно се работело не само кон подготовка на процедурата, туку и во делот на истрагите.
Ние само ја детектиравме таа криминална група која се занимаваше со ваквите дојави, за голем дел од дојавите за поголем временски период и за повеќе институции во коишто беа дојавите. Секако дека постои и другата тенденција, а тоа е геостратешките интереси коишто се испреплетуваат во државата, вели Спасовски
На прашањето дали групата што ја спомнува се македонски државјани, тој одговора потврдно.
Да, како што реков, поднесовме кривична против едно лице малолетник, но се работи и на една друга група коишто меѓусебно се поврзани во однос на дојавите, додаде Спасовски.
Министрот соопшти дека се водат и истраги за сите институции во коишто имаше хибридни и сајбер напади и, како што вели, „има сериозен напредок, се добиваат податоци и информации“.
Самиот факт дека треба овие податоци да ги обезбедиме преку меѓународна правна помош, говори и за тоа дека треба да има подолго време од овој аспект, додава Спасовски во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Извор: МИА