Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас.
-Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, велат од ОЈОГОК.
По објавите во медиумите во однос на компаниите вклучени во конзорциумот ИРД што беше избран за надзор, Антикорупциската комисија најави дека ќе ги провери наводите, а апели до оваа институција како и до Обвинителството за да се истражат сите постапки денеска повторно упати премиерот Димитар Ковачевски.
-За сите информации што се од јавен карактер и сите податоци за изборот и на проектантот, и на изведувачот, и на надзорот се јавно достапни во Бирото за јавни набавки. Може да отпочнат какви било постапки, а јас третпат го повикувам и Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија да спроведат постапка за која маат законска надлежност во однос на сите информации кои се достапни. А сите одлуки на Владата ќе бидат доставени со материјалите до Антикорупциската комисија, рече Ковачевски на седницата на пратенички прашања во Собранието.