Согласно Програмата ГДО-Проекти за енергетска ефикасност, Општина Карпош денеска објави Јавен повик кој ги содржи правилникот за условите, критериумите, видот и начинот на финансиска поддршка за поправка и санација на кровни покривачи на колективните станбени објекти (згради), како и замена на азбестни покриви на индивидуалните станбени објекти (куќи), на територија на локалната самоуправа. За таа цел, локалната самоуправа од својот Буџет за 2023 година обезбеди вкупно 3 милиони денари.
Корисници на субвенциите можат да бидат Заедниците на сопственици или Управители на станбени згради, како и сопственици на индивидуални станбени објекти (куќи). Финансиската поддршка ќе се доделува по принципот прв дојден – прв услужен, а истата ќе трае до исцрпување на предвидените средства за таа намена.
Висината на субвенционирање се разликува во зависност од тоа дали станува збор за колективен или пак за индивидуален објект. Поточно, за зградите ќе бидат субвенционирани најмногу до 50% но не повеќе од 350.000 денари, од вкупниот износ на вредноста на поправката и санација на кровниот покривач за секоја одобрена апликација, врз основа на доставената најприфатлива понуда за материјали и работни позиции. За куќите, локалната самоуправа ќе субвенционира најмногу до 60% но не повеќе од 120.000 денари, од вкупниот износ на вредноста за замена на азбестниот покрив.
Во овој случај за станбените згради, апликантите треба да исполнат одредени услови и критериуми од кои првиот е да бидат регистрирани како Заедници на сопственици или со заедницата да управува правно лице – Управител. Доколку колективниот станбен објект има повеќе влезови и истите се регистрирани како посебни правни лица или имаат управител, потребно е секој влез (секое правно лице) засебно да достави доказ – решение од Централен регистар на РСМ. Во насока на докажување на сопственоста на апликантите, потребно е да се достави имотен лист (не постар од шест месеци), за секој стан засебно.
За индивидуалните станбени објекти (куќите), исто така апликантите треба да достават имотен лист (не постар од шест месеци), за земјиштето под индивидуалниот станбен објект, како и имотен лист за самиот индивидуален станбен објект, со кој ќе се потврди сопственоста на апликантите.
Јавниот повик содржи и посебни услови, кои треба да бидат целосно исполнети од страна на потенцијалните корисници за субвенционирање.
За колективните станбени објекти (зградите) ќе важи условот да бидат постари од 25 години, а доказот за старост на објектот се потврдува со Изјава заверена на нотар или со достава на копопродажен договор за стан. Заедницата на сопственици/Управител, треба да има донесено Одлука дека сопствениците на станови се согласни да се изврши поправка и санација на покривот (во прилог да достават список со потписи од 50% плус еден сопственик). Заедницата на сопственици/Управител треба да достават доказ дека имаат отворено сметка за резервен фонд, при што треба да имаат донесено и Одлука за избор на најповолна понуда за изведувач и надзор на изведбата за поправка и санација на кровен покривач.
За индивидуални станбени објекти (куќи), сопствениците треба да достават Изјава дека се согласни да извршат замена на постојниот азбестен покрив и дека се согласни да учествуваат со сопствени средства за дел од вкупниот износ за замена на кровен покривач. Исто така, сопственикот на куќата треба да достави Договор со изведувачот за замена на азбестниот покрив, како и имотен лист за земјиштето. Доколку површината на индивидуалниот објект е помала од 300м2, изведувачот на работите доставува Изјава заверена на нотар, дека работите се изведени согласно позитивните законски прописи и нормативи за тој вид на работа. Доколку површината на куќата е поголема од 300м2, сопственикот на објектот има обврска да достави до Комисијата, Договор за изведен надзор над изведбата за замена на азбестен покрив.
Процесот на евалуација на пристигнатите апликации ќе го утврдува 11 члена Комисија, која ќе врши увид во соодветноста на пристигнатата документација. Листата на потенцијалните корисници ќе биде објавена на веб страницата на Општина Карпош и на огласната табла на Општината, а дополнително ќе биде доставено и известување до секој апликант посебно, со соодветни податоци за постапката и насоки за евентуална понатамошна постапка. Сите апликанти имаат право по објавата на потенцијалните корисници на субвенцијата, да вршат увид во доставената документација и повлекување на истата.