Стоиме исправено пред сите предизвици и се надеваме дека преку нашето несебично залагање и макотрпна работа ќе успееме и ќе докажеме дека реформите во судството се возможни, а со тоа и ќе ја зголемиме довербата во судството, истакна претседателката на Судски совет на Република Северна Македонија, Весна Дамева, во честитката по повод 31 март – Денот на правосудството.
– Наша должност е да се грижиме за доследна примена на Уставот, законите и меѓународно ратификуваните договори, како и да обезбедиме владеење на правото преку почитување на правата и слободите на сите граѓани во Република Северна Македонија, наведе таа.
На 31 март 1945 година е донесена Повелба на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и Решение на АСНОМ за создавање на Суд за судење на престапи против македонската национална чест. Со Повелбата се основани 25 околиски судови, 3 обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола, и Врховен суд со седиште во Скопје. Поради ова, 31 март 1945 година се смета за ден на основање на судовите, односно за поставување на темелите на судството во Република Северна Македонија.