Фотографија од работно ливче од ОУ „Кирил и Методиј“ во Скопје, на која, според мајка на дете, има двајца мажи и дете, а учениците треба да заокружат кој е рецептот за среќно семејство, не претставува ширење на геј пропаганда во училиштата и меѓу децата.
Според Општина Центар, на чија територија се наоѓа ова училиште, станува збор за наставен лист, кој учениците го работат за време на часот и е завршна активност на часот, односно извлекување заклучок.
Според официјалната наставна програма од МОН и БРО, како што велат, предметот Општество за прво одделение ја содржи методската единица „Семејство“, која е во корелација со содржините по предметите: македонски јазик, ликовно и музичко образование со точна дефиниција на целите на часот.
Оттаму велат и дека родителот кој ја објави фотографијата на Фејсбук испратил и официјално извинување до директорката на училиштето.
Во извинувањето родителот вели дека во момент на афект не размислувал за последиците и за угледот на училиштето и дека постот го објавил без да се консултира и информира и без да поразговара со наставниот кадар.
Од основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ велат дека зад веста која беше објавена во медиумите „се крие малициозна тенденција за искривување на фактичката состојба во нашето училиште“.
-Одговорно тврдиме дека ова не е точно и ја демантираме во целост оваа злонамерна конструкција против нашето училиште. Во објавената слика, односно завршна активност од часот, се претставени татко со синови и мајка со ќерка (еден пример на еднородителско семејство и пример на згрижувачко семејство) кое е извадено од контекст и крајно надвор од здраворазумие, велат од училиштето, изјавила за Фактор директорката, Соња Кирковска.