Малку пред 13 часот на аеродромот во Пула се урна мал приватен авион и во несреќата загинаа две лица. Неофицијално се дознава дека авионот полн со гориво се урнал при полетување, пишува „Јутарњи лист“, пренесе Локално.
Од таму јавуваат дека местото на несреќата е доста далеку од самата аеродромска зграда, па е доста тешко да се дојде до него и да се види што всушност се случува на теренот. Се наоѓа некаде на почетокот на пистата недалеку од воениот дел на аеродромот.
Од далечина се гледаат остатоците од урнатиот мал авион, а надлежните служби во моментов чекаат вработените во Агенцијата да ја почнат истрагата кога ќе се знае зошто дошло до несреќата. Починатите се германска брачна двојка, апдејтира Јутарњи. Сопружниците загинале на местото на несреќата.
Полициски службеници од Истарската полиција, итната помош, пожарникарите и вработените на аеродромот во Пула веднаш излегле на местото на настанот, а по обезбедувањето на местото, истрагата за несреќата ќе ја преземе Агенцијата за истраги на несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај.
Аеродромот во Пула ги одложи сите летови до дополнително известување.