Ново издание на иницијативата ПичПрич на тема „Бев Сама“ во организација на Тиииит!Инк. ќе се одржи денеска во рамки на фестивалот за промоција на феминистичка култура и акција „Прво па женско“.
На овогодинешниот ПичПрич, како што најавија организаторите, своите искуства на тема „Бев Сама“ ќе ги споделат шест раскажувачки: Силвија Митевска, Сара Климоска, Ана Гојлешка, Арбнора Мемети, Дафина Николовска и Ида Протугер.
-ПичПрич е авторски концепт на Ана Василева и Румена Бужаровска со кој се обидува да отвори простор за актуелните теми поврзани со положбата на жените во нашата земја и поширокиот регион, а оваа година особено со оглед на неодамнешниот наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот, се вели во соопштението.
Затоа, како што додаваат, оваа година темата е „Бев сама“ за да се нагласи изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината и честото непостапување.Освен тоа, модерната психологија тврди дека токму напуштеноста е оној сублиминален простор во кој се јавува траумата.
Настанот е реализиран со поддршка од Шведска и фондацијата Kvinna till Kvinna.