Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Преамбулата не решава национални и државни прашања.
Преамбулата е израз на решеноста на тие прашања.
Во преамбулата можете да ја поместите и „Жолтата подморница“ на Битлси и никогаш да не видите море.
Свињаријата во која вмро ја претвора идејата за дополнување на преамбулата е свињарија во буквална смисла на зборот: обид за освињување на македонската нација, на македонската држава и на македонската идеја.
Всушност, вмро е свињаријата.
Тоа што во историскиот дел го направија со антиквизацијата, со тоа невидено циркузирање на една модерна нација и култура, во архитектонско-урбанистичкиот аспект со барокната карикатура односно карикатурата на барокот во Скопје 2014, во образованието – со универзитетите по Ѓузумелци и Кадрифаково, а во медиумите со тоталната кретенизација на новинарството, со измисленото прашање за разноразни модели за уставните промени, прават обид не за зацврстување на македонската етничка позиција, туку за измочување и разретчување на нејзината супстанца до конечното исчезнување.
Тоа што на поголем дел од јавноста ова не ѝ е јасно е крајно загрижувачка работа.
Симон Вејл пишуваше дека колку што има повеќе лудаци во долниот слој, толку се поголеми шансите тоа заразно да се прошири во горниот слој.
Како во Македонија.
Тоа е така тажно.
Мислам, оваа колонизација на долниот слој.
Македонското прашање беше затворено.
Пред појавата на вмро беше отворена само обврската државата и нацијата да се хармонизираат со внатрешната мултиетничка и мултиконфесионална и културна содржина во услови на постјугословенската егзистенција во демократија, пазарно стопанство и отворено општество.
Македонската нација да се хармонизира со внатрешната содржина која во новите услови не можеше да ја поднесува и насочува и контролира, најмалку, пак, да ја доминира, на стариот начин.
Македонците имаа шанса довербата и интеграцијата, односно општата и својата перспектива да ја купат со парчиња од куферот на своите ексклузивитети.
Уставни, правни, политички, идејни.
Немаа други ресурси.
И да се чекираат за историскиот лет во наредните сто или илјада години.
Многу работи се остварија, но сите со чувството на порази.
Никако како победничка идеја и визија.
Ништо.
Затоа, пак, вмро реши две други работи: Прво, дека не е македонскиот народ тој што треба да се хармонизира со другите содржини во државата туку дека тие треба да се хармонизираат со неговите историски реализации и посакувани перспективи (блаблабла на гајда) и, второ, дека македонската нација треба да се отвори во ревизија на самата себе, со дистанца од југословенското наследство стигматизирано како комунистичко и со потонување во митоманските води на ресентиманите со идеја од митовите да се направи политички концепт.
И двете линии водеа и водат кон драматично слабеење на македонската национална капацитираност до нивото кое јасно покажува дека тоа слабеење било и е цел на мисијата на ова злосторничка структура под командата на питај бога кои центри.
Трагедијата е во тоа што тоа се третира како политичко прашање.
Заедно со поголем дел од нацијата тоа така го третираат и тие кои се тука во противнационална мисија.
Тоа е единствен случај во политичката историја на светот.
Како прашање на класичниот однос меѓу опозицијата и власта.
Сите отворени прашања со соседите не беа опасни поради соседите туку поради внатрешниот однос кон нашата историска конституција и актуелна моќ, пред сѐ на вмро, но и на вморонската култура по тие работи во сите партии и во целото општество.
Трагична неадекватност на македонската модерност и еротска привлечност на смртоносната идеја дека Нордот е осакатена форма на историската целина оверена со жигот на комунизмот – варијации кои се тркалаа како грутки снег и еве ги денеска го затрупуваат Нордот како што лавина затрупува алпско село.
Според тоа нашите поделби не се политички.
Тие се егзистенцијални во однос на државата и нацијата.
Линијата на вмро закономерно води во крај на македонската историја, односно во крај на македонската национална и државотворна идеја.
Велат дека сум опседнат со вмро.
Тоа е точно.
Јас сум како Катон: Цетерум ценсео вмро делендам есе.
Со тоа што Рим веројатно би преживеал со Картагена, но Македонија со вмро не може.
Можете да ја пеете Ваташа до посерување, крајот на државата и на нацијата ќе биде ист како и на младинците од кавадаречко.
Другиот дел од поделеноста пројавува спремност да направи одредени пробиви, тие се за поздравување, тоа што го напрви Заев е епохален отклон од македонската затуцаност, тоа што го прават Ковачевски и Маричиќ, заедно со Османи и Ахмети и Груби, е од капитална важност, но левата опција сѐ уште нема храброст и свест со што сѐ треба да расчисти на патот кон Европа.
Наместо тоа, кокетира со попови, идентитети, достоинства и други бесмислени драпателства.
Прифаќам дека во извесна степен тоа може да се правда со тактички нијанси, но мислам дека, сепак, е неопходна поголема решителност и храброст.
Украинска храброст и решителност.
Нема издржани размисли и анализи за овие аспекти.
Само фолклорни игри, песни и ора за Македонија.
Досетки, штосеви, кој кого повеќе ќе заебе од позициите на припадноста.
Без трунка мисла.
Кога двете страни имаат еднаква сила, се трага по условите на меѓусебното усогласување. Кога некој нема способност да одбие, не се трага по постапка за поттикнување на неговата согласност.
Тогаш единствено се истражуваат условите кои одговараат на објективната нужност.
Ова е Тукидит.
Тричковски на тоа има да додаде две опции: кога оној кој нема сила да одбие одбива или е будала, или е божествено храбар или решил да изврши самоубиство и, второ, кога некој кој нема сила да одбие, знае дека нема сила, одбива, имено, затоа што тоа е самоубиствен чин.
Тоа е Македонија во идејата на вмро.