„Година и половина, кадрите на шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски во над 40 општини во државата не работат ништо, освен што ги задолжуваат и партизираат општините, удираат по џебот на граѓаните со покачување на цените на комуналните услуги. Со градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните наместо развој и реализација на најавените капитални проекти, добија НУЛА проекти, безидејност и стагнација“, соопштија утрово од СДСМ.
„Бидејќи, освен неспособност и неработење немаат што да покажат се фатија за споменикот на Ќосето, клучниот симбол на Груевизмот, споменикот на егзекуторот на ВМРО, џелат кој извршувал нарачки за убиства кој, стоеше пред палатата на правдата, како порака, што може да ги снајде сите кои мислат поинаку.
Прво градоначалничката на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Данела Арсовска бараше споменикот на Ќосето да биде вратен на претходната локација.
Потоа, Советот на општина Аеродром, на предлог на Левица со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, усвои иницијатива со која ќе побара од Собранието поставување на споменикот на Андон Лазов Јанев Ќосето на територија на Аеродром.
Оваа иницијатива е само уште една потврда дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица се доследни на тоталитарната идеологија на бегалецот во Будимпешта, Никола Груевски.
Наместо нови капитални инвестиции, враќаат стари споменици со спорна симболика, наместо развој, враќање во минатото – тоа го нудат ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Арсовска“, порачаа од Бихаќка.