Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, по повод одбележувањето на 8ми април Меѓународниот ден на Ромите, денеска во Владата се обрати на настан на тема: „Европски перспективи и квалитетен развој на ромската заедница во Северна Македонија”.
„Мојата лична заложба како човек пред се, и како премиер е да изградиме општество еднакво и кохезивно во чии темели се довербата и меѓусебната соработка. Општество во кое граѓаните и заедниците се чувствуваат безбедни и имаат еднакви можности за личен и професионален развој. Затоа се залагам во партенерска и искрена соработка со сите општетствени чинители, државни, невладини, граѓански организации, здруженија да ја унапредуваме положбата на ромската заедница во нашата држава.
Како резултат на Берлинскиот процес, во јули 2019 година, на Самитот во Познан, нашата држава заедно со земјите од регионот се обврзаа да ја подобрат состојбата на Ромите и да постигнат конкретни резултати во областа на образованието, вработувањето, здравството, домувањето, граѓанската документација и борбата против дискриминацијата низ патот за пристапување во Европската унија.
Република Северна Македонија ја усвои Националната Стратегија за Роми 2022–2030 во согласност со Европската Стратешка Рамка, и истата е дел од јавните политики на државата и основа за превземање на конкретни акции во сите наведени области.
Европската комисија во однос на Стратегијата за инклузија на Ромите, ја предочи силната посветеност на нашата земја како и на земјите од Западен Балкан во однос на вклучувањето на Ромите и важноста од спроведување на обврските од Познан.
Посебно ми е драго што нашите сограѓани Роми имаат потенцијал да го предводат прашањето на сопствената интеграција и да бидат пример за останатите во регионот. Владата на Република Северна Македонија за Поддршка на имплементацијата на Стратегијата за Роми за 2023 година издвои средства за конкретни проекти“, изјави Ковачевски.