Претседателството со ОБСЕ континуирано и активно се ангажира со раселените, жените и младите погодени од конфликтите, како и со лицата кои живеат во изолираните и загрозените областите. Нивните размислувања и грижи се многу важни.
Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и Министер за надворешни работи Бујар Османи на денешната средба со премиерот на Грузија, Иракли Гарибашвили.
„Во тој контекст е и пораката на нашето Претседателство „За луѓето се работи”. Го охрабрувам активното учество на Тбилиси и постојаниот прагматизам со цел да се унапредат клучните прашања и да се искористат сите можности за дијалог со крајна цел подобрување на состојбата на сите луѓе погодени од конфликти”, рече Османи на средбата со Гарибашвили.
Пред Премиерот, Османи повторно ја истакна својата поддршка за решавање на овие прашања преку клучните дипломатски канали за дијалог, осврнувајќи се на Mеѓународните дијалози во Женева и Механизмот за спречување и одговор на инциденти.
Покрај тоа, ОБСЕ активно е вклучена и во претставување на нови мерки за градење доверба и иницијативи за дијалог, особено поврзани со младите и воспоставување на блиски односи со сите засегнати страни, рече Османи.
„Сакам да ја истакнам соработката и со министерката за помирување и граѓанска еднаквост, Теа Ахвледиани, со која остварив средба на која исто така разговаравме за унапредување на процесите за мирно и одржливо решавање на конфликтите. Мора да продолжиме по патот кој води до мир”, рече Османи.
Покрај со премиерот и со министерката за помирување и граѓанска еднаквост, Османи се сретна и со Претседателот на Парламентот на Грузија, Шалва Папуашвили, со кого разговараа за важноста од постоење на политички плурализам за решавање на горливите прашања.
Со ова, Претседавачот со ОБСЕ ја заврши агендата во Грузија од каде посетата на Јужен Кавказ ќе ја продолжи во Баку, Азерјбеџан каде што исто така ќе оствари средби со државниот врв.