Откако базата на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) за Берлин го прифати коалицискиот договор со Христијанско-демократската унија (ЦДУ), се отвори патот за формирање демохристијанска социјалдемократска влада и првиот демохристијански градоначалник во Берлин од 2001 година, соопштеное е денеска во Берлин.
Во неделата доцна навечер беа објавени резултатите од гласањето на базата на СПД во Берлин, која со тесно мнозинство од 54 отсто го прифати влезот на оваа партија како помал партнер во коалицијата со ЦДУ.
Како што пренесуваат медиумите, новиот градоначалник треба да стане главниот кандидат на ЦДУ Каи Вегнер, а функцијата сенаторка (министерка) за економија треба да ја преземе досегашната градоначалничка на градот-држава Берлин, Франциска Гифи.
Во рамките на СПД сè уште постои силен отпор за влегување во коалициска влада со демохристијаните, како што покажува резултатот од базната анкета.
На повторените избори на крајот на февруари ЦДУ излезе како неочекуван победник, а причина за успехот е фокусот на ЦДУ на тема безбедноста во градот, особено по нередите на новогодишната ноќ во областа Нојкелн, населена главно со имигранти од арапските земји.
ЦДУ во текот на денот треба да ги потврди своите членови во Берлинскиот Сенат (влада). Официјалното прогласување на новиот градоначалник е планирано за четврток.