Најмногу дожд 25 литри на метар квадратен во изминатото деноноќие наврна во Крушево, 23 литри во Тетово, 17 во Виница, 16 во Охрид, 15 во Лазарополе, 14 во Маврови Анови, 13 во Пожаране, 11 во Берово и Прилеп, 10 во Струмица, девет во Скопје-Петровец и Штип, осум во Демир Капија, Ѓуриште и Тополчани, седум во Претор и Дојран, пет во Скопје-Зајчев Рид и Крива Паланка, четири во Битола, а два литри во Гевгелија.
Најстудено утрово е во Лазарополе и на Попова Шапка, каде се измерени -1 степен, во Маврови Анови и Крушево еден степен, во Берово три степени, пет степени се измерени во Охрид, Крива Паланка и Претор, шест во Скопје-Петровец, Тетово, Прилеп, Струмица и Демир Капија, седум во Штип, Битола и Виница, осум во Скопје-Зајчев Рид и Дојран и девет степени во Гевгелија.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека на Попова Шапка има снежна покривка од 12 сантиметри, а во Лазарополе изнесува пет сантиметри.
Во првата половина од ноќта беше променливо, а во втората половина од ноќта и утрово е претежно облачно со врнежи од дожд, а на некои планини во северозападните делови има врнежи од снег.
Времето денеска ќе биде облачно и посвежо со врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни, особено претпладне во западните делови, каде на повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Локално ќе има услови за појава на грмежи. Попладне облачноста ќе се намалува и врнежите постепено ќе престануваат. Во текот на денот ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19 степени.
Во Скопје, облачно со врнежи од дожд, кои попладне ќе престануваат и облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 15 степени.