Слободниот пазар треба секогаш да биде слободен, да има можност за повеќе понуди и зголемена конкуренција. Тоа е основно економско правило и секогаш апелираме да одиме во тој правец, да се избегнуваат процедури кои ќе фаворизираат одредени процеси или субјекти и да им се даде шанса на македонските компании да дојдат до еднаков и фер третман во нашата земја во однос на сите економски проекти.
Ова се дел од заклучоците и пораките кои ги упати претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски на работната средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која се разговараше за тековните економски состојби во нашата земја, вклучително и изградбата на капитални и инфраструктурни проекти, а со главен со осврт на коридорите 8 и 10Д како неминовна тема која се наметна на состанокот.
„Ние како Сојуз на стопански комори отсекогаш сме се труделе да бидеме максимално транспарентни и да ги сослушаме сите политички и економски субјекти во нашата земја, за тоа какви размислувања имаат по однос на актуелните економски случувања и перспективи. Секогаш максимално транспарентно и ефикасно бараме спроведување на законските прописи и процедури во земјава. Исто така апелираме дека слободниот пазар е она богатство кое го имаме со поставувањето на темелите на нашата република, слободниот пазар треба секогаш да биде слободен и да понуди зголемена конкуренција и добробит за сите учесници во економските процеси и за сите жители на нашата држава“, изјави Ангеловски.