Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашање Бојан Маричиќ по повод 9-ти Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа порача дека европските држави на 9-ти Мај 1950 година го направија невозможното и дека „ние до 9 Мај 2030 година можеме да го направиме возможното, а тоа е нашето членство во Европската Унија”.
-Ние денес се бориме за истите вредности и цели за кои Германија и Франција направија историски исчекори после Втората светска војна. Тоа е обединувањето. Економската соработка. Да бидеш свој на своето, а во исто време да припаѓаш во нешто многу поголемо. Да се движиш слободно, да работиш слободно. Да придонесуваш и да добиваш. Да биде подобро, рече Маричиќ во своето видео излагање.
Маричиќ укажа дека на сите им е јасно „дека најтешките одлуки се зад нас” и дека уставните измени не се ништо друго освен влог кој носи гаранција за придобивките, а не ни одзема ништо.
-Тоа добро го знаат и тие што се противат на нашиот европски пат. Затоа, време е да престанат да се противат, за да не станат историски негатори и кочничари на стратешките цели на сопствениот народ, укажа вицепремииерот.
Денес кога имаме и слобода, и држава, Маричиќ вели дека „точно знаеме каде одиме, што бараме и што ќе добиеме” и дека „работата е во наши раце нема веќе чекање”.
– Нема откажување. Како што успеавме да станеме членка на НАТО, така ќе успееме да станеме членка и на ЕУ. Одиме во сојуз кој ни носи европски фондови и европски стандарди во сите области што живот значат. Фондови за да градиме како никогаш до сега – македонска инфраструктура со европски пари. И паралелно со тоа – реформи. Реформи за сите наши институции, во сите ресори да дадат најдобра услуга за нашиот народ, посочи Маричиќ во видеообраќањето.