Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на посетата на Вашингтон, присуствуваше на прием кој се одржа во нашата Амбасада во Вашингтон, а на кој беа присутни високи гости претставници на американската администрација и Конгрес, меѓу кои конгресменката Вероника Ескобар, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар на САД Габриел Ескобар, поранешниот амбасадор на САД во Северна Македонија Филип Рикер и сегашната амбасадорката на САД во Скопје, Ангела Агелер, повеќе претставници Стејт департмент, Пентагон, Националниот совет за безбедност и др.
На приемот, Премиерот во разговор со заменикот државен секретар на САД, Ескобар, оцени дека Северна Македонија и САД во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог и имаат силно стратешко партнерство.
Ковачевски изрази уверување дека со помош на САД ќе се изнајдат решенија на сите отворени прашања во регионот по пат на дијалог, што би довело до побрза интеграција во ЕУ на земјите од Западен Балкан.
Премиерот нагласи дека Република Северна Македонија и во иднина ќе биде фактор на стабилност во регионот, практикувајќи ги и во иднина политиките на дијалог и негување на добрососедските односи.
Присутните соговорници уште еднаш потврдија дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ и земјите посветено треба да работат на реформските процеси, негување на добросоедските односи, заштита на човековите права и слободи.
Во разговор со конгресменката Ескобар, претседателот на Владата изрази благодарност до САД за поддршката и охрабрувањето на нашата земја во сите важни процеси за нејзин напредок и просперитет, како на внатрешно- политички, безбедносен, така и на меѓународен план.