Илјадници евакуирани, села претворени во пепел, нафтени капацитети затворени: два дена по прогласувањето вонредна состојба, канадската провинција Алберта во понеделникот побара помош од федералната влада за борба против пожарите.
Во понеделникот, речиси 100 шумски пожари беа активни во покраината, вклучително и 27 за кои властите соопштија дека не биле ставени под контрола.
„Алберта побара помош од федералната влада за да се справи со разорните пожари. Премиерот (Џастин) Трудо ме увери дека Канада ќе биде таму за да не поддржи на секој можен начин“, рече премиерката на покраината Даниеле Смит, која во саботата изјави дека се работи за пожари „без преседан“.
Трудо рече дека „Канаѓаните стојат со луѓето од Алберта додека се справуваат со овие страшни шумски пожари“.
Пожарникарите се фокусираат на пожарите кои ги загрозуваат домовите. Околу главниот град Едмонтон, многу патишта беа затворени за сообраќај.
Неколку нафтени компании мораа да го прекинат производството.
Додека провинцијата отвори неколку засолништа за евакуираните, многумина избегаа со нивните камп приколки на празни парцели. Некои се сместија кај пријателите или семејството.
Алберта, заедно со соседите Британска Колумбија и Саскачеван, во моментов се соочуваат со „ненормално суви“ услови, соопшти канадската влада.
Во последните години, западна Канада неколку пати беше погодена од екстремни временски прилики чиј интензитет се зголеми поради глобалното затоплување.