Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска ја нема добиено претставката од Антикорупциската комисија за вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби кој службените простории ги користеше за партиски цели.
Во изјава за медиумите, Грковска денеска најави дека штом ја добијат претставката, по неа ќе биде постапено како и со сите претставки досега, врз основа на аргументи.
– И досега сме постапувале непристрасно, без оглед на тоа за кого станува збор, рече Грковска.
Според неа, има промена во начинот на однесување кај некои функционери и во зголемувањето на свесноста за разлика од порано и смета дека со мерките што се преземаат ќе дојдеме до момент кога некој ќе понесе одговорност за несовесно работење.