Пишува: ЉУАН ИМЕРИ
Понекогаш, минатото нè дефинира наместо да нè информира. Често сме робови на нашето минато и неретко веруваме дека чувството на сигурност, среќа и надеж може да се постигне само во етнички хомогена средина.
Во услови на немање на соодветен општествен дијалогот и соочувањето со минатото кои би овозможиле надминување и придвижување напред, и во регион кој е познат по своето конфликтно минато и по многу трагични настани кои се случувале, неопходно е сите чинители во општеството да дадат свој допринес во зачувувањето на мирот и градење на меѓусебна доверба.
Нашето историско наследство не секогаш може да помогне во промовирањето на фундаменталните вредности, како што се, толеранцијата, взаемното разбирање, човековите права и демократија. Во воениот и повоениот период се создаваат идеолошки мотивирани толкувања на минатото, кои меѓусебно се исклучуваат и наместо научен, имаат национален предзнак. Историските наративи не се ексклузивно право само на историчарите. Тие се релевантни и од аспект на човековите права. Никој нема монопол над минатото но тоа никако не значи дека улогата на историчарот е незначителна, особено кога се работи за она што општеството го нарекува „несакана историја“ и „непопуларни жртви“ во таа историја.
„Сите“ учиме и знаеме за нашето минато, но, тоа како учиме и што знаеме за нашето минато може или да го зајакне мирот и почитувањето на човековите права на сите, или да ја одржи или продлабочи поделбата и тензиите меѓу различните групи на општеството.
Нашите наративи се важни елементи на културното наследство и играат голема улога во колективниот идентитет. Преку наративите некои општества се стремат да ја вратат, потврдат, шират или да бараат од другите признавање на сопствената историја, други се стремат да ги оспоруваат толкувањата на нивната историја.
Многу често официјалниот историски наратив промовиран од државата преку образовниот систем станува проблематичен од перспектива на човековите права и мирот. Историјата секогаш е предмет на различни толкувања. Во многу места низ светот, наставата по историја не ја признава културната различност и мноштвото историски наративи меѓу и во заедниците. Секој народ во регионот има свои наративи. За жал, постојните доминантни наративи ги продлабочуваат постоечките поделби и конфликти, ги поткопуваат напорите за искрено справување со минатото и шират страв и омраза со што директно го поткопуваат мирот и ги предизвикуваат човековите права. Често, идентитетските наративи се сметаат за меѓусебно исклучиви. Самото изразување на националниот наратив во една земја не се гледа само како провокација, туку и како негација на националниот наратив на друга земја.
Наставата по историја и учебниците во регионот често служат за зајакнување на патриотизмот, зајакнување на националниот идентитет или обликување на младите во согласност или со официјалната идеологија или доминантната религија. Ретко која држава може да се пофали со спротивното, односно дека наставата по историја се заснова на разбирање на историјата како академска дисциплина, ја прифаќа сложеноста на историјата и се воздржува од манипулирање со историјата за политички цели. Ретко каде ќе видите дека наставата по историја поттикнува критично мислење, аналитичко учење и дебата.
Наставата по историја и учебниците во регионот често служат за зајакнување на патриотизмот, зајакнување на националниот идентитет или обликување на младите во согласност или со официјалната идеологија или доминантната религија.
Доколку се анализираат наставните програми по предметот историја во регионот и не само, се добива впечаток дека тие не поттикнуваат мултиперспективен пристап и не обезбедуваат соодветен однос на националната, регионалната и глобалната историја. Многу малку се работи на подигање на свеста за манипулациите во учебниците по историја и воздржување од поттикнување таква злоупотреба. Уште помалку, недостасува континуираната едукација и професионална обука на наставниците по историја а тоа е посебно важно за промовирање на перспективата за човекови права.
Преиспитување на постојните практики и барање начини за подобрување би требало да биде императив на модерното општество а за надминување на овој проблем потребна е меѓусекторска и прекугранична соработка. Централното прашање е како да обезбедиме луѓето да ја слушнат и другата приказна, и другата перспектива.
Дијалог е важен, а средбите и размената на искуства на луѓето кои се занимаваат со процесот на справување со минатото на различни нивоа и со различни методи се исто така важни. Можностите за историчарите, новинарите и активистите да разменат искуства, но и да разговараат за сопствените потреби, ограничувања и поддршката што ја очекуваат од другите и што можат да им ја пружат на другите, се неопходни и мораат да бидат почести за да се соочиме со минатото во нашите општества и да градиме подобра иднина.
Историчарите, новинарите и активистите мора да направат повеќе за подобро да разберат како историските наративи, митови и генерално „необработеното минато“ можат да бидат поттик за конфликти во одреден контекст, да ја разберат улогата што минатото ја има како гориво за нашите постапки во сегашноста и иднината.
Потребна е структурирана регионална соработка на историчари, новинари и активисти која ќе придонесе за урамнотежен пристап кон толкувањето на минатото и да им помогне на учесниците во соработката да го развијат потребниот капацитет, сензибилитет и умешност преку соработка и комуникација, така што историското толкување би ја изгубило својата важност. Замислете регионално здружение на историчари кои би се обиделе да го кренат својот глас против злоупотребата на историографијата со етички професионален кодекс?! Или мултидисциплинарно списание кое ќе се занимава со деконструкција на историските митови, наративи и деконструкција на сликите на непријателот од различни агли. Или историчарите, новинарите и активистите да работат заедно за да создадат индекс на табу теми и доминантни наративи.
За жал, тоа што се најчесто се случува во нашиот регион е или буквално негирање на нешто што се случило, односно тврдиме дека нешто не се случило; или негираме толкување, односно прифаќаме факти, но им даваме друго значење; или негираме импликации, кога прифаќаме факти што се случило, го прифаќаме и толкувањето на тоа што се случило, но одбиваме дека тоа има било каква врска со нас. Како резултат, во поширок контекст никогаш не е докрај јасно кои се жртви, сторители и херои, или во најмала рака, „нашите“ жртви се „нивни“ сторители а „нашите“ херои се „нивни“ злосторници. Негирањето на злосторствата и говорот на омразата не се и никогаш не биле слобода на изразување, напротив, тоа се прекршувања на човековите парава кои имаат потенцијал да овозможат прекршувања на истите и во иднина и тие никако не можат да придонесат кон создавање предуслови за појава на инклузивни социјални наративи. Неопходно е да се изгради општествен наратив кој ќе ги истакне позитивните општествени вредности и одредена визија за иднината на даденото општество. Наратив што ќе ги „замени“ моментално владејачките општествени наративи кои се засноваат на исклучување на другите.
Преземено од Рацин.мк