„Ние имаме многу големи проблеми во високото образование, затоа во мојата програма јас ги ставив оние клучни точки кои би почнале да го менуваат тој систем. Ни недостасува она што постои во развиениот свет, во САД или Израел, триаголник високо образование – држава и заедница“ изјави професорот Ратко Дуев, кандидат за ректор на УКИМ во дебатата на „Студио 10“ на ТВ24.
Тој додаде дека системот на општествена одговорност и донации, што постои и функционира во развиениот свет треба да се развива и кај нас.
„Постои и кај нас одбор за соработка и доверба со јавноста, но во развиените земји таму се вклучени и стопанството и институциите, кои на некои начин даваат мислење за студиските програми, а ние тоа никогаш не го поврзавме“ рече Дуев.
Професорот нагласи дека во нашето општество немаме пример каде компаниите донирале во системот за развој на студиски програми или опрема, ниту во подобрување на условите за студирање.