Откако ќе ја добиеме пресудата во законскиот рок ќе вложиме жалба. Се надевам дека Апелацискиот суд Скопје, кој е надлежен да одлучува по жалбата, ќе донесе правилна и законита одлука, изјави јавниот обвинител, Стевчо Дончев по ослободителната пресуда за случајот „Тендери“.
Откако Судот пресуди дека поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска, заедно со обвинетите Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова Цветковска, членови на Комисијата за јавни набавки, се ослободени од вина во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дел од проектот „Скопје 2014“, обвинителот рече дека бидејќи постапката сè уште не е правосилно завршена, во овој момент не би коментирал детали од предметот, а сите забелешки на пресудата, како што рече, ќе ги истакнат во жалбата.
– Ако ги следевте внимателно судењата, имаше презентација на доказите во почетокот на постапката. Снимките посебно кажуваат што се случило во детали. Судот даде таква анализа, но, јас би рекол, во оваа постапка нема да коментирам сè што ќе кажеме во жалбата, рече тој.