Наша желба е да соработуваме со идната Влада, но немаме сомнеж дека и покрај суштинското опуштање во однос на реториката на Турција во последните месеци, основното јадро на надворешната политика, нејзините централни политики не се менуваат, истакна портпаролот на грчката Влада Акис Скерцос на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Коментирајќи ги изборите во Турција, Скерцос рече дека го очекуваат конечниот резултат, повтори дека во грчко- турските односи постои „една единствена разлика“, а тоа е одредување на морските зони и посочи дека ќе продолжат со нивната цврста надворешна политика и „зајакнување на одбранбените капацитети, градејќи нови партнерства со силни меѓународни сојузници“.
Во однос на притворениот во Албанија кандидат за градоначалник од грчкотомалцинство Дионисис Фреди Белерис, кој веројатно е и победник во Химара, Скерцос истакна дека е погрешна одлуката за притворот и додаде дека „континуирано има демарши и дискусии со албанската страна“ и се обидуваат да извршат притисок.
-Доколку ситуацијата не се смири, како што истакна Мицотакис, Грција ќе ги искористи сите средства што ги има на располагање за да го блокира европскиот пат на Албанија. Ќе постојат последици не само во грчко-албанските односи, туку и во пристапниот пат на Тирана во Европската унија, што Грција досега го поддржуваше, истакна Скерцос.
Додаде дека вестите што доаѓаат од Албанија „за доминација на Белерис го интензивираат притисокот врз Тирана да го промени ставот“.