Преку програмата за прекугранична соработка со Грција, што ја координира Министерството за локална самоуправа се обезбедени скоро 400 000 евра за да се минимизираат ризиците од шумски пожари и поплави во регионот, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на примопредавањето на опремата за противпожарните единици во Пелагониски плански регион.
Обезбедена целосна заштитна опрема за вработените во противпожарните единици во Битола, Прилеп, Ресен, Крушево и во Демир Хисар. Проектот е кофинансиран од Буџетот на Министерството за локална самоуправа, за да можат да се искористат на најдобар можен начин средствата од ИПА инструментот на Европската Унија, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.
Министерството за локална самоуправа преку програмите за прекугранична соработка, но и преку проектите што се имплементираат со Швајцарската Агенција за развој и соработка, веќе имаат набавено противпожарна опрема и за противпожарните единици во Североисточниот, Источниот и во Југоисточниот плански регион кои што покриваат 27 општини, во Врапчиште се гради нова противпожарна станица, а во Струга се воспоставува одржлив систем за известување и превенција од шумски пожари.
-Ги опремуваме сите противпожарни единици, вработените во противпожарните единици секојдневно се соочуваат со високи ризици по здравјето и по животот заради зачувување на безбедноста на нивните сограѓани и нивните имоти. Нивната соодветна опременост значи заштита на нивното здравје и живот и зголемена ефикасност и успешност во справувањето со огнената стихија.
Министерството за локална самоуправа ги кофинансира сите одобрени проекти и за тие да бидат корисни и за општините и за граѓаните.
-Ќе продолжиме со финансирање и кофинансирање на ваков тип на проекти, затоа што Владата, преку своите политики, парите од Буџетот ги реинвестира во граѓаните. Човечкиот капитал е најважен, а грижата за луѓето и за нивната благосостојба е еден од најважните услови за развој и на општините и на државата, рече Пенов.