Панел дискусијата која ја спроведе Тинк-тенк „Аналитика“ и која се однесува на Предизвиците и можностите од Иницијативата “Отворен Балкан” по кризата предизвикана од воениот конфликт во Украина јасно укажа дека домашните компании се задоволни од ефектите на „Отворен Балкан“. Дискутантите во рамки на панел дискусијата сметаат дека иницијативата носи развој на индустриите и државата.
Концептот „Отворен Балкан“ значи и различна перцепција во различни држави, рече Трајан Ангеловски, претседателот на Сојуз на стопански комори. Во суштина вели „Отворен Балкан“ секако значи зближување и соработка меѓу институциите во различните држави. Тој се осврна и на развојот во винскиот сектор. Според Ангеловски преку винската промоција на регионот се зголемил српскиот интерс за македонското грозје, па така цената за килограм од домашното грозје се зголемува од 30-40 денари.
„Отворен Балкан секогаш се чувствува од политички аспект и тој е различно перцепиран од различни држави. Но настрана политичката перцепција реалноста е дека владите и институциите почнаа да комуницираат и веќе почна да се размислува што може да се поедностави за да работите течат полесно. Треба секој од нас позитивно да влијае на тие капацитети. И претходно постоеше мануелен систем за отворање компании но сега се работи да тие процеси и сувишни постапки се отстранат со цел да се скратат и олеснат процедурите“, рече Ангеловски.