Дарко Спироски е првиот човек на „ИРД инженеринг“ во Македонија, фирмата која ќе го врши надзорот врз градењето на автопатските делници од коридорите 8 и 10д, кои ги изведува американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Самиот договор, но и измените на неколку закони кои што се во Собранието, а се поврзани со реализирање на проектот, наидоа на многу реакции во јавноста и станаа предмет на политички препукувања. Во медиумите се открија и повеќе детали и спорни моменти кои фрлаат сенка на целиот проект, и кои што се добро познати на читателите.
За дел од нив станува збор и во разговорот со Спироски, но и за некои елементи кои што се од техничка природа, а кои по малку се загубија во морето дебати за склучениот договор со „Бехтел и Енка“.
-Цената од 1,3 милијарди евра која е во договорот е изработена на ниво на проектна документација која ја има во самиот договор. Значи, во самиот договор има предмер кој е изработен на ниво на предпроект. Врз основа на тој предмер, кога ќе се помножат предвидените количини по цените единечни кои се дадени во договорот, се стигнува до таа сума која не е 1,3 милијарди туку пресметката која е дел од договорот е 1,29 милијарди евра. Колку ќе биде ќе видиме кога ќе се реализира проектот. Меѓутоа, тоа не значи дека секогаш ќе биде повеќе. Може да биде и помалку. Значи, ќе се видат реално изведените количини кога ќе се заврши проектот на траса. Затоа велам дека договорот е фер. Цената врз основа на таа проектна документација која ја има изработено „Бехтел и Енка“ и предмер и пресметки е 1,29 милијарди. Колку ќе биде, на крај ќе биде фер, нема да биде за нешто што нема да биде изработено. Значи, сѐ ќе биде докажливо, мерливо. Тоа се предностите на црвениот ФИДИК, мерливите количини, вели тој во интервјуто за „Независен“.