Организацијата на резервните офицери на Република Северна Македонија, од денеска до 28 мај ќе биде домаќин на пролетниот состанок Гаминг 1, на Гамингер иницијативата (ГИ) – здружение на офицери во резерва од државава, како и од Германија, Швајцарија, Италија, Хрватска, Унгарија, Чешка, Словенија, Словачка и Полска.
На свеченото отворање на ГИ 1 состанокот ќе се обратат министерката за одбрана Славјанка Петровска, претседателот на ГИ, Филип Лео и членот на претседателството на ГИ Џузепе Филипо Имбалзано, како и домаќинот на состанокот, претседателот на ОРОРСМ, Гоце Георгиев. Меѓу гостите ќе биде и заменик началникот на ГШ на АРСМ, гости од МО и членови на ОРОРСМ.
На Гаминг 1 состанокот во Скопје ќе присуствуваат 16 офицери од 10 земји членки на ГИ, а ќе се расправа за новиот Статут на ГАМИНГЕР иницијативата која треба да прерасне од средноевропска во европска иницијатива на резервните офицери. Исто така, на состанокот ќе стане збор и за теми од областа на безбедноста во Европа и светот.
Организацијата на резервните офицери на Република Македонија, на предлог на раководствата на организациите на резервите офицери на Република Словенија и Република Италија, а на претходна покана од ГАМИНГЕР иницијативата, официјално стана членка на оваа средноевропска иницијатива на 24 септември 2017 година.
Основна цел на асоцијацијата е зголeмување на улогата на резервните офицери во средните во кои има се повеќе професионализирани воени структури и зголемување на улогата на вооружените сили на Европа како дел од меѓународна безбедносна политика на ЕУ, НАТО, ОН и др.
Името потекнува од градот Гаминг (близу Виена-Австрија), во кој во 1989 година се одржува неформална средба на полк. Чарлс От (Швајцарија), полк. Арне Штајнкамп (Германија) и полк. Волкер Цимерман (Австрија), на која биле зацртани основите на Гамингер иницијативата.