Иако мојот увид беше визуелен, тој ми ги отвори очите дека обемот на оштетувања е многу поголем отколку што претпоставував врз основа на достапните фотографии.
Трагите и оштетувањата од високата температура од пожарот не беа видливи на фотографиите онолку колку што навистина се, вели во ексклузивна изјава за МИА проектантот на мостот „Беласица” Вукан Њагуљ.
Тој во организација на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени изминатите два дена престојуваше во Скопје со цел да изврши увид во состојбата на мостот.
Во разговорот, инженерот Њагуљ порачува дека оштетувањата треба да се третираат многу сериозно и дека се потребни детални испитувања и пресметки.
-Кога бев на мостот добив впечаток дека она што го видов бара многу посериозен пристап отколку што мислев. Тоа е мое мислење, мој впечаток. Мостот, според мене, не може да се третира како оштетувањето да е мало и безначајно, едноставно затоа што не се знае какво е. Мора да се направи многу детално испитување. Не само визуелно, туку да се отвори конструкцијата, да се испита, да се земат примероци и да се испитаат лабораториски. Го слушав интервјуто на професорот Марковски кој рече дека во Македонија не располагате со опрема за сето она што треба да се испита. Но како и да е, тоа мора да се направи и дури тогаш може да се даде проценка за моменталната состојба на мостот, истакнува Њагуљ.