Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Броиме до 10. Операции до 10. Па броиме до 100, па операции до 100. Па со 1000 и 10000, слично. Индуктивното размислување скоро изгледа како да е забрането. Пресметки, фактички изложувања и флеки од пресметки за геометриските слики и тела. Ниеден заокружен концепт, ниедна врска со животот. Нема релации, нема пресек, подмоножество, нема Булова логика. Ако може да се направи едно место мачилиште за деца, тоа е место во кое на децата бавно им се убива духот преку незавршување на концепти. Не е поинаку ни за природните науки. Попара од географски, геолошки и еколошки факти, капка стручна физика, трошка за растенијата, зрнце за животните, секоја година, како на кружна лента, вртелешка за трчање глувци. Содржината во историја и општество или само историја во погорните години, е тажна смејурија. Некои креатори на содржини навистина имаат проблем со потребата на детето да дојде до самодоверба преку осознавање на општеството. Животот и така нѐ учи „спирално“ (со повторување и проширување на содржините), па затоа во таа „спирала“ мора да има цврсти, заокружени концепти на кои може да се потпреме. Мора да има вмреженост низ такви точки по целата структура, а не децата да пропаѓаат на секој свиок. Ни читанките по македонски јазик не успеваат преку литературната уметност барем малку да им пружат потпора. Чудни текстови, непоучни, без врска со никаква добра идеја, без врска со живиот јазик, претенциозни конструкции, со исфрлен уметнички елемент. Барем да имаат да се спуштат на етеричното поле на уметноста… Ни тоа.
Површното изложување и незаокружувањето на концепти ги остава децата „ѕвездосани“ од купишта факти без никаква врска со нивното искуство. Кравите им се виолетови, а пилињата и зајаците им се измислени велигденски форми на најмалите (се потсетувам на една статија на порталот „Факултети“ од пред некоја година). Во светов на информации и дезинформации низ секакви приказни, во учебниот материјал нема приказна, нема поенти. Всушност, таканареченото „спирално учење“ им пречи на децата да се задлабочат. Да дофатат делче од некоја универзална вистина, да ја почувствуваат магијата на самосвеста што ќе ја добијат со неа. Да дојдат до кулминација на осознавање, а не само да ринат знаења како со лопатче во песок. Заокружувањето на концептите ја развива способноста да ги наоѓаат сличностите и разликите на работите и со тоа да формираат мрежа на осознавање на светот. Наставниците, пак, се претворени во временски затвореници сред пустина и од малите капки смисла што можат да ги дадат, формираат заеднички мали „среќички“, недоволни за вмрежен систем од осознаеност.
Дали ова треба да го преведеме во – не на секого му одговара добар образовен систем – мислам на креаторите на образовните политики и нивната нелојална врска со високата политика? Но, исто така, полека се открива и дека македонското тело никогаш немало доволно ензими да ја свари филозофијата на Пијаже и Монтесори на заокружени концепти, според која беше обликувано југословенското образование. Наместо да се тргне подлабоко во оваа методика, на веќе востановени елементи на Булова логика уште во прво одделение (множества и релации), во продлабочување на познатото „Во здраво тело – здрав дух“ или надградба на „Братство и единство“, чувањето на природата и чувањето на мирот во „Запознавање на природата и општеството“, се скока незавршено и површно на историски податоци, симболи и догми, избегнување на споменување на внатрешните човекови органи, состојби, болести, основни видови лекови, се инсистира на неоптоварување на децата со логиката на формуларите во институциите, како и значењата на разни документи (немојте да се чудите на последново, но ваквата „мрза“ во пракса излегува дека е тренирање како да се мразат институциите!), како и слични животно-општествени потреби за елементарно чувство на самодоверба во рамки на општеството на еден млад, поточно, малечок човек. Децата може и треба да го развиваат својот систем за самосвесност и затоа, и покрај тоа што се избегнува да се засее семето за ваков систем, а камоли да се вложи во тој развој, сепак преферирам да ги викам малечки луѓе, наместо деца. Сакатење, е најмалку грубо што може да се нарече ова наше поведение кон оние кои нѐ наследуваат.
Генерации пораснаа без когнитивните методи за преиспитување на работите. Воопшто, метакогнитивните вештини очигледно се избегнуваат (според оние кои доаѓаат во високото образование) и сметам дека треба да се испита дали намерно се запоставуваат. Вградувањето на елементарен систем за саморецензија и носење правилни одлуки според капацитетите (од страна на детето!), е непостоечки, во име на „добра соработка со родителите“. Малечките луѓе се отепани во духот. Дури и кај оние кај кои останала трунка енергија за младешки бунт, тој бунт не дофрла до мисловна варијанта, туку, според методот на „спиралата“, фушерски усвојува нешто туѓо. Така брзите, ненапорни евристики преполни со предрасуди и шум, се шират како чума во ова општество и, во суштина, прават мимикрија на здравиот концепт на бунт: Отфрлање на нешто заостанато за да се открие нешто прогресивно. Мислам на агресивната мимикрија, според која малечките луѓе пораснуваат неопитни да разликуваат сигнали на големи „предаторски“ групи што промовираат застоени предминатовековни супи, пресолени од анксиозност против напредок кон солидност.
Наместо бунтовноста да е ориентирана кон поголеми слободи и можност како што и еволутивно е природно, без имунитетот на негувана вештина на намерно внимание и метакогниција, многу од нивните срца се порозни на нарцисоидни, егоистични, националистички, расистички, патријархални, антинаучни и секакви мразачки „бунтови“. Назад во средниот век. Или кај пештерскиот хаос. Додека наставниците во основните и средните школи се оставени да им цртаат на децата во песок (позајмувам асоцијација од препораките за предавање математика во прво одделение по „спиралниот“ фејк – „кембриџ“), разни сомнителни, но истакнати карактери со голема присутност во медиумите ја презедоа нивната улога. Комплетно изместени од моралноста и когницијата, со предрасуди и антивредности, дадени во „џвакнат“ и авторитативен облик, токму со методи од една прописна училница. На штета не само на учениците, туку и на сите, на цело општество, на темелите на институциите.
Во својата работа со децата, Пијаже сфатил дека одредени концепти од повисоката математика децата ги обожуваат, брзо асоцираат дека содржат практична корисност и без директна свест за неа ги научуваат тие концепти бргу и со задоволство, за разлика од здодевните техникалии со сметање. Таквите концепти, всушност, им даваат когнитивна структура за поврзување со практични работи – не мора само проинженерски, туку и сосем обични, од животот, а понатаму и општествени. Пијаже со децата има работено на концепти од геометрија и топологија, најмногу преку морфирањето на геометриски форми и тела и соодветни асоцијации од секојдневието. Но и поапстрактните идеи како, на пример, конвергенција на низа (за концепциско разбирање не е неопходен математички формализам речиси за ниеден математички поим), можат да пружат когнитивна структура за разбивање на сопствените предрасуди, суети, егоизми, наоѓање што е правилно. Навистина, не мора да се биде возрасен за да се разбере подредено „точкање“ кон една локација како концепт за стремење кон неа. Она што возможно се случува во заокружувањето на овој концепт (со конкретни примери, сличности, разлики, поврзаности со други работи, итн.) е воспоставување на врска меѓу чувство на стремење (како желба, на пример, или нестрпливост да се стигне некаде, или друго) и свест за стремежот преку образовните асоцијации. Емоцијата тогаш нема да биде кокона во кожурок, туку ќе има комуникација со внатрешниот рационалист. Така, кога ќе се праша самиот малечок човек (а и голем, подоцна) „Што е правилно?“, ќе има образовни имуни телца во својата когнитивна архитектура кои нема да дозволат оддалечување од моралните вредности и вистината. Ќе има вградена способност која не ја ни чувствува како вештина, туку како „комон сенс“ дека – ако правилното, вистинитото, доброто, не се гледа веднаш, тогаш до овие вредности се доаѓа со приближување кон нив, а не со оддалечување!
Секако дека ова е no brainer, вака разложено смешно звучи, но чекорите за осознавање на реалноста, во времиња на дезинформативни пропагандни приказни и поенти, се мерат во милиметри. И тоа, во себе, секој своите чекори и растојанија од вистината да ги проценува, рецензира, постојано и постојано, со секој нов податок. Целиот тековен курс на фушерство и, просто, идеологија на фушеризам низ основното и средното образование, не обезбедува многу луѓе со солидно трпение, чесност и скромност за да се одвива ваква вежба во умот – да се одмерува растојание од вистината, од универзалните вредности, најпосле – од правилна одлука. А да се биде паметен отпосле – па тоа и мајмуните го знаат. Општество „на пробање“ не се гради. На пробањето му е место во контролирана, безбедна околина – во училница, со рецензија (налик на peer review) и саморецензија. Во реалноста, методот на проба може да донесе многу страдања кои можеле да се избегнат со мислење.
Толку ли сме мрзливи па ја преферираме „благосостојбата“ на ненапорниот фушерај со носење раскантани (и рискантни) одлуки, т.е. без самостојно да осознаеме конкретна ситуација во детали, во цела мрежа од значења и последици по нас? Или, пак, сепак сакаме да носиме одлуки од наш бенефит без пробање, со знаење, до максимално блиска точка до исправноста, особено кога корисноста е на истата страна? Тогаш, зошто толку често не препознаваме исправно резонирање дури и кога ни е пред нос – сме заборавиле ли дека ако патеката е јасна во секој чекор, тогаш е објективно јасна, а не затоа што некоја „страна“ се залага за неа?
Има две неповолности (зошто не се стремиме кон исправни одлуки) кои може да се перципираат: Едната е тоа што во афективна состојба фушерското знаење не може да пробие во свеста, односно методите на истражување на проблеми се отсутни во правењето одлука во „жежок“ момент. Другата е што медиумите масовно го корумпираа и концептот на објективност, како што чуварот од рибокрадци ловеше во Охридското езеро со мрежа (случај од пред некоја година). Но и ова сакатење произлегува од првото: Немање ни училишен тип на рецензија и саморецензија и плукање на рецензирањето нарекувајќи го „цензура“ доведе до сеопшто неразбирање што е тоа објективност, па и свесна злоупотреба на концептот на неутралност. Всушност лажниот баланс сѐ повеќе се форсира и подлогата му е моралниот релативизам. На пример, патријархалноста, национализмот, дури и скептичноста кон науката (и други десничарски заостанатости) се пропагираат за „морални вредности“ небаре се само поларно-комплементарни пандани на либералните вредности, на пример, на недискриминацијата, т.е. отфрлањето на физички (вклучувајќи и етнички) предрасуди, или најважното – вообичаените образовни методи на определување на СУШТИНСКИ разлики низ нормалниот резон. На рамноземјашот му се даде столче наспроти професорот, жената не можела да биде врвна како мажот (П.Колемишевски), „етничарење“ со Македонци од други етнички заедници…
Со нашиот локален, тековен проблем за – како да си ги унапредиме стандардите преку увезување на универзалните вредности благородно усвоени од ЕУ, мимикрираните предатори и медиумите стигнаа и до когнитивен релативизам на едноставни вистини (т.е. некој склопил уличарски израз за ова во врска со здравје на мозокот од што го нервирале вакви, алал да му е). Иако сите знаеме дека целта на медиумите е да се одржи доходовниот циркус на поларизација и дека си ги чешкаат заемно грбовите со кочничарите на иднината, на кои, пак, за возврат, им треба медиумска аура на валидност и авторитет, сепак, фушеризмот и фушерајот е прераспространет за да се очекува сопствен пробој на свеста во стравот од одвојување од устоеното, засмрденото. Онака, во „мирно доба“ можеби знаеме дека не се дава столче на рамноземјаши, ама кога медиумите им нудат фотелја, уште колку време нема да ни текнува дека здравјето на мозокот е во прашање? Релативизмот не може да ни го пласираат како апсолутен, може ли тоа да ни текне?
Овде не мислам на несовршеноста на непристрасноста. Всушност секој што има нешто да каже, влучувајќи се и себеси овде, има мртов агол. Но стремежот, конвергирањето кон вистината е вистинскиот процес, а вистината е апсолутна. Не смее да се мижи на скокањето на десничарите (и левите десничари) по целиот „просторен и временски континуум“ – де еднаш било вака, друг пат – инаку, а изразуваат желби да водат. Тоа не поминува ни во училница.