Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на најголема мултинационална вежба оваа година во Република Северна Македонија „Брз одговор 23″, на која, покрај Република Северна Македонија учествуваат уште три НАТО земји членки Соединетите Американски Држави, Албанија, Црна Гора и како земја партнер на НАТО – Косово, со околу 1.850 учесници.
Вежбата е од особено значење за нашата Армија во однос на споделување на знаења, способности и вештини, подобрување на интероперабилноста и меѓусебна оперативна синхронизираност помеѓу армиите на НАТО и партнерските армии, низ широк спектар на речиси симултани операции, кои се изведуваат во повеќе зони, демонстрирање на обединетоста на НАТО Алијансата за безбедноста на секоја земја членка, како и потврда на можностите на „АП Криволак” за изведување на разновиден вид на вежбовни операции и користење на разновиден вид на борбени средства и вооружување.
Припадниците на армиите кои учествуваат во вежбата презентираа комбинирани копнени активности: „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка”.
Во предвидените вежбовни активности е предвидена употреба на роботизираното софистицирано возило т.н. “Project Origin”, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое за прв пат ќе тестира во вежбовни услови испалување на противоклопна ракета од типот „Javelin” која е дел од неговото вооружување.
Вежбата „Брз одговор 23″ е поврзана со комплексот на вежби „Defender Europe 23″, кои на годишно ниво редовно се реализираат на тлото на Европа, предводени од Армијата на САД за Европа и Африка. „Брз одговор 23″ ќе се изведува во 8 земји во регионот: Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Косово.