Претседателот Стево Пендаровски денеска престојуваше во општина Куманово, каде што присуствуваше на промоција на нови е-услуги во центарот Една точка за услуги (ЕТУ).
На настанот беа промовирани услугите за издавање на уверение за регистрираните податоци во матична евиденција за стажот на осигурување, остварени плати и надоместоци – (уверение за стаж) и издавање на извод од компјутерски запис – образец М1/М2 од пријава/одјава во задолжително социјално осигурување.
Претседателот Пендаровски имаше можност да ги искористи услугите во центарот Една точка за услуги (ЕТУ), од каде што му издадоа уверение за стаж и М1/М2 образец. Претседателот порача дека овој проект, чија цел е да овозможи ефикасни, брзи и достапни услуги, ќе им го олесни животот на граѓаните и претставува исчекор кон создавање јавна администрација како вистински сервис на граѓаните.
На промоцијата на новите е-услуги во центарот Една точка за услуги (ЕТУ) во Куманово присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу. Една точка за услуги (ЕТУ) е проект на Министерството за информатичко општество и администрација чија цел е да ги соедини сите државни институции и да го поедностави пристапот на граѓаните до институциите и услугите коишто ги нудат.