Обединетите нации немаат никакви независни информации за уништувањето на украинската брана, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, опишувајќи го настанот како „уште една катастрофална последица од руската инвазија на Украина“.
Нападите врз цивили и критичната цивилна инфраструктура мора да престанат. Мораме да дејствуваме за да обезбедиме одговорност и почитување на меѓународното хуманитарно право, изјави Гутереш пред новинарите.
Водата ја проби огромната брана на реката Днипро која ги дели руските и украинските сили во јужна Украина и поплави дел од воената зона, принудувајќи го локалното население да избега.
И Украина и Русија побараа од Советот за безбедност на ОН да одржи расправа за уништување на браната. Украина ја обвини Русија за „еколошки и технолошки терористички чин“, додека Русија го опиша настанот како „саботажа извршена од Украина“, според барањата на двете страни што Ројтерс ги имал на увид.
Гутереш го опиша уништувањето на браната како „монументална хуманитарна, економска и еколошка катастрофа“.
Најмалку 16.000 луѓе веќе ги загубија своите домови и загрозени се резервите на безбедна и чиста вода за пиење за илјадници други, истакна Гутереш, додавајќи дека ОН координираат со Украина испраќање на помош, вклучително и вода за пиење и таблети за прочистување на водата.
Г. Т.