Петмина работници загинаа во силна експлозија во фабрика за ракети и експлозиви во Турција. Експлозијата се случи утринава во државната фабрика за ракети и експлозиви МКЕ, на 40 километри источно од главниот град Анкара. За време на инцидентот неколку лица се повредени, а државната телевизија јавува дека искршени се стаклата на околните куќи и продавници. Властите велат дека експлозијата била предизвикана од инцидент во одделот за динамит во фабриката, пишува Би Би Си.
Регионалниот гувернер Вахап Сахин изјави дека никој не останал под урнатините, а државните медиуми објавија дека повредените работници биле пренесени во локалните болници. Неколкумина се наводно во критична состојба.
Сахин истакна пред новинарите дека експлозијата се случила во 8:45 часот по локално време и дека била предизвикана од хемиски експеримент.
Заменик министерот за одбрана Алпаслан Каваклиоглу рече дека официјални лица ја прегледале снимката од внатрешноста на зградата во моментите пред експлозијата и дека немало „ништо невообичаено до моментот на експлозијата“.
Во соопштението на Министерството за одбрана се наведува дека „покрената е судска и административна истрага во врска со инцидентот“, додека регионалните обвинители потврдија дека истражуваат што се случило.
Г. Т.