Многу е важно што се воспоставува Инспекторат за употребата на македонскиот јазик со новиот Закон за употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, кажа министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во гостувањето во МРТ.
-Главната улога на Инспекторатот ќе биде контролата на начелата на законот, односно она што е правилна употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За сето она што е јавен документ, а не е лекторирано веднаш ќе има најпрвин предупредување, а понатаму ќе се издаде соодветна казна, рече министерката.
Таа додаде дека македонскиот јазик е заштитен како културно наследство, а тоа е уставна категорија.
-Казните тука се многу високи, но прво ќе се предупредува, а казните во случај на повреда на уставна категорија се трипати повисоки од оние пропишани во законите. Ако се кршат одредбите од овој закон, зборуваме за прекршување на највисоката уставна категорија – културното наследство и верувам дека овој закон ќе ја унапреди правилната употреба на македонскиот јазик, кажа Костадиновска Стојчевска.