Државјанинот на Република Северна Македонија кој синоќа беше убиен во Приштина во оружена пресметка која наликува на мафијашка пресметка е идентификуван од неколку косовски медиуми како Блерим Дачи.
Според порталот „Инсајдери“, кој објави и фотографија на жртвата, Дачи им бил од порано познат на органите на правдата и полицијата поради неговата вмешаност во трговијата со дрога.
Во денешното соопштение на косовоската полиција се вели дека убиениот бил откриен од надлежни полициски единици во возило со македонски регистерски таблички, а недалеку од местото на настанот е пронајдено изгорено возило за кое се претпоставува дека е користено за убиството.
– Засега непознати сторители пукале со огнено оружје врз жртвата, маж, државјанин на Република Северна Македонија. Надлежни полициски единици излегоа на местото на настанот, каде што забележаа дека во возило со македонски регистерски таблички се наоѓа едно лице, а надлежен лекар констатира дека лицето нема знаци на живот. Околу еден километар од местото на настанот е пронајдено запалено возило со германски таблички, за кое постои сомневање дека осомничените побегнале од местото на настанот, се вели во соопштението.
Портпаролката на косовската полиција, Флора Ахмети синоќа изјави за медиумите дека во запаленото возило се пронајдени и две автоматски пушки „калашников“, со кои се претпоставува дека е извршено убиството на македонскиот државјанин.