Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова во Варна изјави дека е време за средба меѓу владите на Бугарија и Република Северна Македонија и побара да се преземат посериозни мерки по последниот инцидент со граѓанин со бугарски идентитет, пренесе БНТ.
Доставувањето нота до македонскиот амбасадор таа го оцени како недоволна акција, бидејќи има информации дека се подготвува текст за промена на уставот на Северна Македонија, но во пракса нема никаков развој.
Потпретседателката Јотова повика да не заборавиме дека, покрај уставот на РСМ, треба да има измени и според потпишаните заеднички протоколи, кои зборуваат за промени во учебниците, оценување на историски датуми и личности и отворање на досиеја, но ништо од ова не е направено.
„Не се осмелувам ни да помислам дека новата бугарска влада ќе отстапи од веќе воспоставената бугарска позиција, која не е само на официјалниот кабинет, туку и на претседателската институција, на Народното собрание. Не се осмелувам да помислам дека ќе има чекор назад.Ако Бугарија, со новото министерство за надворешни работи и со новата влада, ја преиспита својата позиција – сега да ги почнеме преговорите, а работите да се регулираат сами по себе, откако веќе се слушаат такви „совети“ – ова значи национално предавство“, рече потпретседателот.