Соочен со незадоволни вработени кои бараат повисоки плати, тукушто назначениот директор на Царинската управа во чија нова канцеларија први влегоа претставници на синдикатите има верба дека сепак ќе биде постигнато заемно прифатливо решение и дека нема да се реализираат заканите за радикализација на протестите.
„Не очекувам дека ќе дојде до блокирање на граничните премини. Ги почитувам правата на вработените, како и сите легитимни и демократски права на граѓаните, регулирани со соодветни закони и колективни договори’’, изјави Стефан Богоев за „Локално“.
Неспорното, исклучително значење на Царината за вкупното функционирање на државата е појдовна точка во насока на реализација на неговите цели меѓу кои една од приоритетните е забрзување на протокот на граничните премини.
„Во блиска иднина, ќе бидат спроведени реконструкции на клучните гранични премини на коридорите кои поминуваат низ нашата држава, а ќе се реализира и проект за автоматизација на граничните премини и воведување на концепт на „паметни граници“, вели Богоев.
Во меѓувреме, во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ се работи на дополнителни олеснувања на царинските формалности, а привршуваат и градежните инфраструктурни зафати на граничниот премин Табановце за подобрување и проширување на пристапните сообраќајници како на влез така и на излез од државата
Имајќи ги предвид најавите за генерален штрајк, функцијата Директор на Царинската управа ја преземавте во исклучително сложен период. Како помина вашата средба со претставниците на вработените, и дали останува опасноста од остварување на предупредувањето од затворање на граничните премини?
-Како новоназначен директор на Царинската управа, првата официјална работна средба по преземањето на должноста ја имав со претставниците на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и Независниот синдикат на Царинската управа. На средбата детално бев известен за нивните барања согласно Законот за Царинска управа и Колективниот договор. Истакнувам дека ги почитувам правата на вработените, како и сите легитимни и демократски права на граѓаните, регулирани со соодветни закони и колективни договори. Пред два дена се одржа мирен протест пред Царинската управа и не очекувам дека ќе дојде до блокирање на граничните премини.
Вработените се заканија дека не се откажуваат од барањето за исплата на додатокот од 30 проценти. Кои се опциите за преговори во оваа насока?
-Како што известив и на средбата со претставниците на синдикатите, веќе е закажана средба со Министерот за финансии на која ќе го отворам и ова прашање, а ќе одржам и консултативна средба со Управата за јавни приходи, како и интерни средби со раководителите во Царинската управа за подетално запознавање со можностите за изнаоѓање на решение на поставените барања. Комуникацијата со синдикатите продолжува и после овие одржаните средби.
Најавите амбициозни цели, меѓу кои и борбата против шверцот и корупцијата. Дали тоа ќе значи обелоденување на имињата на корумпираните вработени, но и преземање соодветни постапки?
-Имајќи ја предвид комплексноста, големината и надлежностите на Царинската управа, при справувањето со шверцот и корупцијата се пристапува на системско ниво и ќе биде еден од моите приоритети во претстојниот период.
Во Царинската управа има воспоставено посебна организациона структура за професионална одговорност, која тековно работи на откривање на отстапувања од професионално и етичко работење, но и за преземање на мерки за спречување на коруптивните појави. Граѓаните и компаниите, своите поплаки/пријави можат да ги достават преку отворената телефонска линија 197 која работи 24/7, преку електронска пошта, писмено или на било кој начин. По сите овие пријави задолжително се постапува.
Дигитализацијата е исто така една од превентивните мерки против корупција односно преку воведувањето на нови сервиси за целосно бесхартиено работење кои се применуваат без непосредна интеракција со царинските службеници, се овозможува намалување на можноста за субјективно одлучување и потенцијани коруптивни појави.
Бизнис заедницата одамна инсистира на олеснување при процедурите за премин на транспортните возила. Постои ли можност за конечно ставање крај на проблемите врзани со долгото чекање на границите?
-Олеснувањето и забрзувањето на трговијата е еден од главните приоритети на Царинската управа на кој постојано се работи. Еден од главните аспекти на овој приоритет е дигитализацијата со што се унифицира, олеснува и забрзува протокот на стоките, а со тоа се обезбедува поголема конкурентност на компаниите и раст на меѓународната трговија. Придобивките од дигитализацијата на Царината и олеснувањето на трговијата, таргетираат над 11.000 домашни компании – активни учесници во увозно – извозните царински постапки.
Значајно за забрзување на царинските постапки е воведувањето на целосно бесхартиеното работење и сервисите воведени во ноември минатата година со т.н. Зелена царинска декларација. Со тоа, економските оператори можат далечински, без интервенција и физичка интеракција со царинскиот службеник да ја завршат постапката за еден час и да ги пуштат стоките во слободен промет. Врз основа на тековните податоци и анализи, овие сервиси овозможуваат за над 80% од увозните и над 90% од извозните декларации кои се селектирани на зелен канал, царинската постапка да се комплетира за еден час.
Во блиска иднина, ќе бидат спроведени реконструкции на клучните гранични премини на коридорите кои поминуваат низ нашата држава, а ќе се реализира и проект за автоматизација на граничните премини и воведување на концепт на „паметни граници“. Целосната имплементација на овој концепт на работа, во кој повеќето процеси ќе се одвиваат автоматски, ќе придонесе за намалување на потребата од човечки фактор на граничните премини и терминали, што од една страна ќе го забрза протокот, а од друга ќе влијае и на поефикасни контроли на границите.
Особено би го истакнал воведувањето на Заедничките гранични контроли (one – stop – shop) на ГП Табановце – Прешево, а истиот набрзо биде воведен и на ГП Ќафасан со Албанија.
Сите овие активности, кои се во согласност со стандардите на Европската Унија, но и во постојана комуникација и координација со барањата од бизнис заедницата, се во насока на олеснување на процедурите при спроведување на царинските постапки, а со тоа и намалување на времето на ќекање на граничните премини.
Олеснувањето на процедурите за минување на камионите е и еден од приоритетите на иницијативата Отворен Балкан. Дали можеме да очекуваме придвижување на работите, особено ако имаме предвид дека голем дел од договорите се уште не се ратификувани во Собранието на РСМ?
-Царинските администрации се многу значајни во делот на олеснување на прекуграничната трговија и заедно со земјите од регионот учествуваме во реализацијата на повеќе проекти и активности, особено во рамки на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“. Овие активности се насочени во т.н. 4 европски слободи и тоа: слободно движење на луѓе, капитал, стоки и услуги.
Она што е многу важнo е тоа што реализација на овие активности се врши координирано на високо владино ниво, што овозможува истите да се реализираат со забрзана динамика. Основа на активностите во кои е вклучена Царинската управа е Меморандумот за олеснување на увоз, извоз и движењето на стоките потпишан од премиерите на трите држави на 29 јули 2021 година.
Активностите кои се реализираат на граничниот премин Табановце се од огромно значење, имајќи предвид дека тоа е најфреквентен премин на стоки односно товарни возила во нашата држава. Податоците покажуваат дека изминатата година преку овој премин протокот е од скоро 40% од увозот и 25% од извозот на стоки од државата.
Инаку во моментот на граничниот премин Табановце – Прешево непречено функционираат 10 ленти на влез, и тоа: 2 за товарни возила, 1 за автобуси и 7 за патнички возила.
Во март оваа година, Владите на Република Северна Македонија и Србија потпишаа нов Меморандум за мерки за унапредување на движењето на луѓе и стоки преку заедничата државна граница. За реализација на заклучоците од овој Меморандум, во фаза на привршување се и градежните инфраструктурни зафати на граничниот премин Табановце за подобрување и проширување на пристапните сообраќајници како на влез така и на излез од државата. Ова ќе овозможи навремено позиционирање на возилата во меѓупросторот помеѓу двата премини, нивно рамномерно прераспределување на секоја од лентите, и дополнително ќе влијае на забрзување на протокот на возила.
Исто така, се работи и на дополнителни олеснувања на царинските формалности. Во периодот што следи ќе започне да се применува и мерката за признавање на потврдите за вагање или т.н. „кантарски белешки“ на товарните возила помеѓу Царинските управи на Република Северна Македонија и Србија, што ќе значи дека истите нема да мора повторно да се мерат при влез во една од двете држави.
Сите овие активности, заедно со целосната екипираност како на царинските службеници така и на граничните полициски службеници, заедно со нивно професионално спроведување на постапките, ќе овозможат реално забрзување на протокот на возила во пракса.
Извор: Локално.мк