Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Ретко има човек кој не видел малечко детенце кое проодува – падни, стани и пак, пак, пак, неброено пати. Ретко има и човек кој би рекол дека децата се глупави што го прават тоа. Уште поретко има такви луѓе кои би го сопнувале детето, особено кога се наѕира успехот конечно да застане на кревките ноџиња и да направи повеќе чекорчиња. Дечињата се самите надеж од глава до пети, со секое ново станување тие се надеваат и, вака-така, ќе издејствуваат нов чекор. Не е надежта кај нив некое вештачко чувство за кое начуле дека возрасните го имаат – па ајде и тие да го пробудат, туку тие се целите проткаени со надеж, вдолж и попреку. За таква надеж е потребна љубов кон животот, радост да се биде жив и да се дејствува.
Младата држава има и ваков аспект – таа е како дете кое паѓало, станувало, се сопнувало. Замислете да му се вика на ова битие дека е глупаво што не му текнува – дека нема надеж да „прооди“! За жал, тоа се случи во реалноста. Истата професорка и истиот академик кои ги критикував во „Мала некомпетентност, голема некомпетентност, зло“ – точно ова го направија. Повторно, како и тогаш, синхроно со збрканите дејствија и амбивалентни ставови на ВМРО-ДПМНЕ, се обидуваат да им додадат „паметност“ преку претерани зборови и фрази, што кај некои читатели, веројатно пали – и во повеќе дословната смисла на зборот. Тоа секогаш се случува во ситуации во кои треба да се направи избор. Всушност, без ВМРО-ДПМНЕ здраворазумниот правец би се подразбирал за секунда, но со нив секогаш Македонија мора да бира меѓу нормална, здраворазумна опција и некоја изместена, очигледно штетна опција. Со нивните текстови во „Нова Македонија“ се врши некој вид популаризација на тие контраразумни ставови.
На пример, двете столчиња на кои ВМРО-ДПМНЕ сака да седи се токму насловот на текстот на академикот: „На европскиот пат и во ЕУ само како Македонци“. И уште повеќе, таа фраза е подметнување, небаре е возможна друга опција од Македонци – лажната пропаганда токму на ВМРО-ДПМНЕ. За професорката, „Лудост“, односно „глупост“ било вака дефинирано (веројатно од разни постерчиња по социјалните мрежи): „Одново и одново чиниш иста работа, а очекуваш различни резултати“, небаре сега е моментот Македонија да се откаже од европскиот пат. А иста ли е, навистина, работата која Македонија ја прави одново и одново? Кога се случило претходно Македонија да има официјален скрининг, кога претходно допрва требало да се отвори ЕУ-поглавјето за фундаменталните вредности (судство, обвинителство, правда, итн.)? Академикот, во истата насока, комплетно ги извртува значењата на зборовите на Хана Арент и Иво Андриќ за да каже дека надежта била – штетна! Ќе зборуваме за надеж, дури сега? Ова е извртено на повеќе нивоа и навистина треба да се навлезе во тоа.
Разбирливо е дека некои луѓе го губат она фино проткајување за желбата за живот и животност на сѐ околу себе. Но, некои одат и понатаму, што е опасно од личности со авторитет – функцијата или звањето. Како што би рекле дека обиди за одземање на надежта на детето што проодува спаѓаат соодветно „над кукавичјото гнездо“, еднакво не е во ред да се одзема надежта за посолидна, позрела држава според ЕУ стандардите. Тоа се истите тие кои се колнат во патриотизам со површни параметри. Да си Македонец, (или друга националност ) и да имаш таква-и-таква историја за која се држиш како за брегот, преплашен да запливаш, сметам дека се прилично површни причини за патриотско чувство. Со таква алатка, единствено луѓето кои го изгубиле жарот на личната животност можат да си се дразнат себеси за да си предизвикаат самите некаков аналог на „патриотско чувство“, изгледа само до степен еквивалентен на навивачка еуфорија за фудбалски тим.
Патриотското чувство, ако е искрено, би требало, здраворазумно, да подразбира грижлива нега – како за детето кое сака да порасне. Подразбира и желба креативно да се помогне, солидарност и емпатија заедно… Тоа чувство оди со смелост низ животната радост, да наоѓа и наоѓа начини одново и одново да дејствува, да прави сѐ што може и не може, како што прави човек за дете. Повторно и повторно, и сѐ подобро. Но, секогаш во основана надеж, а не со празно посакување, и секогаш со смисла за насоката на дејствување – дека државата треба да стане солидна, како што детето треба да порасне.
Како што од децата имаме очекувања, така и од државата ги имаме и со тоа е заокружено тоа патриотско чувство. Тие очекувања се однесуваат на квалитетот на нашето живеење и на самиот наш живот. Таа солидност, зрелост, нема да се постигне ако на роднините само и единствено им ја преповторувате биографијата на сите претходници, секако рибарски надуена како што некои тоа го прават со историјата на својата држава, истото, па истото (зошто за ова исто и исто не би важела постерската „дефиниција“ за глупост?). А притоа, му правите сопки на тоа битие кога проодува, му викате дека е глупаво што паѓа и станува стопати, го исмевате, му измислувате дека смртта му е блиску, баш кога се насетува дека ќе успее. Како Минхаузенов синдром кон сопствената држава, како „грижа“ за дете преку негово разболување!
Во споменативе „академски“ текстови од „Нова Македонија“ се насетува корозија на волјата, на инспирацијата за прогресивно дејство, како да се создадени во блиц-момент на самопредизвикана надразнетост, инаку не би постоеле. Но, тешко се скрива проткаеноста со рамнодушност и смаченост од животот. Оние претерани зборови со коишто тие го тврдат својот патриотизам, побудуваат извесна црна аура небаре сме во војна со убивања. Не е исто патриотското чувство во мир и во крволочна војна. Според пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи ги и текстовите на овие двајца академски граѓани (сигурно и уште неколку) излегува дека дел од Македонија е во војна со спречувачите на војна, со тоа што „нивната“ војна е само пропагандна, а оваа која се спречува е физичка и е за сите, како во слоганот!
Всушност, секој од нас дава различна тежина на елементите од основите на моралната интуиција на Џонатан Хајдт (професор на Универзитетот во Њујорк, автор на „Праведниот ум“): нега/повреда; фер/мамење; лојалност/предавство; авторитет/субверзија. Кај либералните личности изворот на патриотското чувство потекнува од грижата и чувството за фер, додека кај најтврдо конзервативните доаѓа од другиот крај на спектарот, преку лојалноста и авторитетот. Едни со други се гледаме низ очилата зад косата цртичка. Сепак, низ сите овие елементи, автентичното патриотско чувство, колку и да е принципиелно спорен концепт, во својата срж не е трагично. Онакви „академски“ искажувања живеат во доменот на трагедијата и ја проектираат трагедијата кон иднината. Тие воопшто не предупредуваат за претстојна трагедија како што преамбициозно сакаат да прикажат, туку земаат погрешни, неточни, трагизирани премиси и вршат проекција на таа траги-погрешност во иднината.
На пример, како тоа „денес, згаснуваат, изумираат македонскиот јазик, идентитетот, државата“, како што вели академикот, кога во над 20 светски универзитети, со десетина лекторати се изучува македонскиот јазик, во некои европски држави македонскиот јазик е изборен предмет во училиштата, во Австралија фигурира во наставните програми во сите години од образованието, а и кога, ете, токму во Грција е регистриран Центар на македонскиот јазик? (Подетално за оваа тема пишуваше Ацо Лукароски во „Од кого акад. Катица Ќулавкова го брани македонскиот јазик? “) И како тоа вели „дозволивме да се избришат Македонците во Егејот и во Пиринска Македонија“, небаре се полиња од ексел табела, а не живи луѓе? Живеат ли тие луѓе сега нормално во другите држави или бездомници се, затвореници се – заради националноста? Постојат ли меѓународни акти со кои се средуваат односите меѓу државите во однос на малцинствата? „Изумирање на македонскиот јазик идентитет и државата“ ли е резолуцијата од Германија и поддршката од ЕУ, за потврда на македонскиот јазик и идентитет? Тие ли се оние „странски душогрижници ќе нѐ убедуваат самите себеси да се понижиме, да се разнебитиме, да се прободеме,…“, се прашања кои академикот нема да ги одговори, бидејќи очигледно е обожавател на многу претерано глаголење. Без вистинити премиси, без изведување заклучоци врз очебијни факти.
Работата и идејата на Хана Арент, пак, воопшто не можат да се вклопат во искажаната спротивност од страна на академикот: „За Хана Арент, надежта ги прави луѓето беспомошни и ги спречува да дејствуваат храбро“. Ова не е точно, ова е толку трагично извадено од контекст. Taa зборува за дејствување и се противи на бездејствено чекање, тоа e контекстот. Како може жената која имала капацитет да преживее злосторства и нечовечност, ужасите на концентрационите логори, животот на бегалец и тешка сообраќајка – да биде човек кој не ја признава надежта?! Ако намерата и дејствата се сега присутни – активна намера за имплементирање на ЕУ стандарди во државата и гледаме активни чекори кон тоа, со скоро завршен официјален скрининг, пред отварање на фундаменталното поглавје – тогаш за каква беспомошност, за какво бездејствено чекање зборува академикот?
Слично е и со извадокот од Иво Андриќ. Нобеловецот, исто така, во никој случај не би смеел да се користи за исмевање на надежта, тоа е така ниско! Пасусот е повторно за бездејственото чекање, а не за надежта! Како тоа не го сфаќа опусот на Андриќ, за да го разбере неговиот став кон надежта – па секако дека на секој читател на неговите дела, ваквото повикување на Иво Андиќ ќе му биде сомнително! На пример и овој цитат е од Иво Андриќ: „Да се излажеш во една голема надеж не е срамота. Самиот факт дека таква надеж можела да постои вреди толку, што не е премногу скапо платена со едно разочарување, колку и тешко тоа да е“. Исто и ова е од нобеловецот: „Време е да се искачиме, да напредуваме скалило погоре, иако претходното скалило се уште не е целосно освоено, ниту утврдено како што треба.“ И ова: „Сите Дрини на светов се криви; никогаш тие сите нема да можат потполно да се исправат; никогаш не смееме да престанеме да ги исправуваме“. Сега, како може да се цитира овој човек како противник на надежта?!
Злоупотребата, пак, на Франц Кафка со неповрзано извлекување на дел од крајната сцена на „Процес“ надвор од контекст, всушност во контраст од вистинското значење, е неприфатливо грозна. Ми се чини дека цитирањето е направено само заради споменувањето на ножот како оружје (и глаголот „прободување“), а не заради смислата. Изгледа, во име на блицот од псевдопатриотското самодразнење. Смислата која Кафка сака да ја заокружи, секако, нема врска со кажаното од академикот. Во основа и спротивно е. Всушност сѐ солидно и зрело на светов сигурно излегува спротивно на Коцаревата теснотија на гледање и неразбирање на делата на големите автори. Смртта на Јозеф К. е очекувана во делото, но тој, кога крева раце од докажување на својата невиност, бара животот да има смисла: „Дали ќе го напуштам овој свет без здрав разум? Дали луѓето ќе кажат откако ќе ме нема дека уште од почетокот на мојот случај сум сакал да го доведам до крај и дека на крајот сум сакал да почнам одново? Не сакам да го кажат тоа.“ Човекот бара смисла. Македонија бара смисла, излез од бесмисленостите на ВМРО-ДПМНЕ! Каква е таа смисла на „НЕ“-то? Каква е смислата на реченицата „Посочувајќи дека излезот од оваа состојба е одлучно да се каже „НЕ“ на планираните и предложени уставни измени, на Божина му посакувам да продолжи уште многу години…“ итн.?! Каков е тој излез – кон ѕид? И излез од што? Божин ќе продолжи и без такво посочување, и со вака злоупотребена промоција на неговата автобиографска трилогија. Но, како си дозволува еден претседател на МАНУ толку празни флоскули, толку исти со пропагандните слогани на – партија?!
Контраразумието, очигледно, е достигнувањето на бесмислата Македонија да се доведува одново и одново да го започнува истото и истото, овојпат баш истото. Притоа, како што изминува времето, тоа да биде сѐ повеќе празно посакување, како старец кој напразно посакува пак да биде млад, отколку како основана надеж – едноставна како за преминување улица. А времето е СЕГА на таа основаност. Контраразумието сака да ја влечка Македонија додека ефективно не изумре лишена од сите стандарди. Секако, ВМРО-ДПМНЕ обично се грижи за тоа лишување, бидејќи таа партија си се самозадолжила да се „грижи“ за зачувување на „нашите начини“ – ловот во матно, митаџиството, „принципите“ на услуга-за-услуга и секако, трибалната култура. Видовме колку Македонија беше на дното по сите параметри за време на нивната 11-годишна тоталитарна ујдурма од владеење. За нив бесмисленото има огромна смисла, бидејќи секој застој во стандардите или дури и во најнебитните формалности кон ЕУ, го користат како роба за пазарење со моќ.
Вели „македонизмот ќе се изедначи со национализам и со безизлезност“. Ете уште една трагипроекција за иднината. А слухот за македонскиот јазик, „дома ли е“? Па веднаш со „-изам“ има пејоративна смисла. Безизлезност прават токму националистите. Всушност сите –изми се фаќаат за некој податок или дел од податок кој комотно може да е само делче од поле во некоја база, и почнуваат да прават операции со него – кај кого е пополнето, а кај кого го нема. Да се ставаат на пиедестал такви банални тривијалности од нашите лични карти – тоа е тоа што значи да се прегрнува безизлезот. И историцизмот (тоа што го пумпаат не е историја) носи таков безизлез. И симболицизмот со пекањето за Кутлешкото сонце е романтичниот ѕид од кој барем двајца академици упорно се удираат…
Одговорот за нашите маки лежи во искоренување на трибалната култура. Прашањето што трибализираните го пропагираат низ просторот – како без трибализам ќе ја отстраниш трибалната култура, за жал се претворило во најважната задача за решавање. А тоа решение постои и се практикува во напредните земји, во САД и земјите на ЕУ минус Унгарија. Тоа е функционирањето на институциите така како што се замислени, прилично „прави“ Дрини. Без ловишта во матно, без „нашите начини“. Решението ќе дојде кога „нашите начини“ ќе престанат да се поврзуваат со националното и државното низ ВМРО-ДПМНЕ. Кога ќе знаеме да ја надминеме исклучивоста на личниот самоинтерес и да го насочиме патриотското чувство во функционални државни институции.