Независната музичка издавачка куќа Шарла Рекордс годинава одбележува 10 години од своето постоење. Со близу 100 изданија позади нас, задоволни повлекуваме црта во издавачката авантура што ја започнавме во една пријатна есенска вечер во 2013 година.
„Години на силен ентузијазам, многу страст и без компромиси со основачката идеја да поддржуваме млади автори со храбар и прогресивен музички дух и израз. Токму таа искреност ни се врати со широко регионално признавање, поткрепено со многу позитивни рецензии на разни музички портали и магазини, а наши изданија се завртеа и на некои од најрелевантните светски радио станици кои третираат алтернативна музика.
Тоа се повеќе од доволно причини оваа година да ја поминеме со пригодни настани, концерти и промоции под заедничкото мото: Шарла – 10 лета околу. Во подготовка е книга со текстови посветени на нашите изданија, роденденска компилација, како и многу нови албуми кои ќе ги проследиме со концертни промоции на различни локации низ Скопје.
Почнуваме овој петок (23.06.2023) во преубавата летна тераса на кафе-книжарницата Буква каде ќе настапи младата и супер талентирана кантавторка Димитра.
Димитра неодамна го издаде својот трет албум за Шарла насловен како ,,Работ на акција” со кој повторно ги освои симпатиите на домашната и регионалната јавност. Се работи за повеќе од достоен наследник на извонредниот Мак мрак од 2020 година, албум со кој Димитра се најде во најтесните избори за албуми на година на регионалните листи оставајќи зад себе некои легендарни имиња на музичката сцена од некогашна Југославија“, велат од Шарла Рекордс.
Настанот започнува во 21 часот.