Силно невреме денеска попладне го погоди западниот и источниот дел на земјава, а најлошо беше во Охрид, Кичево, Преспа, Берово и Пехчево.
Град со големина на орев ги растера туристите од плажите и летните тераси во Охрид.
Градоначалникот Кирил Пецаков по итниот состанок на Кризниот штаб на кој присуствуваа и директорите на општинските јавни претпријатија истакна дека општината е пред сериозен предзвик и дека интензивно се работи на нормализација на состојбата.
ЦУК извести дека по завршување на кризниот штаб на Општина Охрид до Регионалниот ЦУК Охрид е пренесена информацијата дека службите (ЈП Нискоградба, Водовод и ТППЕ- Охрид ) се координираат за постапување по приоритетните пријави за штети. Пријавени се штети на станбен објект, подруми и земјоделски култури.
По неколку удари на гром на подрачјето на Охрид, поголем дел од градот остана без напојување со елетктрична енергија. Напојувањето со струја во меѓувреме е повторно воспоставено и се одвива со потешкотии и кратки прекини.
По силниот дожд и град во Охрид, невреме го зафати и кичевскиот регион.
Попладнево невремето погоди и делови од југоисточна Преспа, каде се уништени овошките од градот кој паѓаше во големина на орев.
Невреме проследено со грмежи, пороен дожд и врнежи од град денес го зафати Берово.
Поради големината на врнежите од град, жители јавуваат за оштетени автомобили, а од видеата објавени на социјалните мрежи од страна на граѓаните, забележлива е големата количина на вода низ градските улици.
Во соседната општина Пехчево истотака забележани се поројни дождови поради што регистрирана е обилна количина вода по улиците.
Поради електричното празнење, надлежните апелираа без потреба да не се излегува од домовите за времетреање на невремето.