Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со новоименуваната амбасадорка на Сојузна Република Германија Петра Дрекслер. На средбата, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Дрекслер ја истакна силната поддршка на патот на земјава до ЕУ, како и поддршката за расчистување на наративот во општеството околу предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост, како и нивното вистинско значење.
Тренчевска и Дрекслер се осврнаа и на досегашната соработка на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) со Германската амбасада.
-Беа дискутирани и моменталните случувања на територијата на државата во однос на предлог Законот за родова еднаквост и предлог Законот за матична евиденција. Амбасадорката искажа особена поддршка во делот на усогласување на законските регулативи и креирање политики кои се дел од патот кон ЕУ. Таа посочи дека е голема поддржувачка за решавање на предизвиците за родовата еднаквост со особен фокус на феминизмот. Во однос на моменталната состојба и отворената општествена дебата за двата различни закони – за матична евиденција и за родова еднаквост зборуваше министерката Тренчевска. Таа го истакна вистинското значење на законите со посебен акцент на објаснување на важноста на Законот за родова еднаквост кој е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика. Министерката рече дека целта на законот е воспоставување на механизми кои ќе ја унапредат родовата еднаквост на територијата на целата држава, како на локално така и на национално ниво. Тренчевска особено стави акцент на тоа дека законот за матична евиденција и законот за родова еднаквост се два различни и засебни закони, наведува МТСП.