Прес-конференцијата на премиерите Олаф Шолц и Димитар Ковачевски во Берлин помина во знак на пораки за поддршка од Германија за евроинтегративниот пат на С Македонија и благодарност од македонската страна за ангажманот на Берлин во овој процес.
Прашањето што денеска се наметна во политичкиот дискурс е во зборот „гарантирам“ (кој беше употребен во симултаниот превод на прес-конференцијата), односно дали Шолц рекол така или е непрецизност во преводот. Според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за погрешен превод – германскиот канцелар не рекол така.
Германист, кој го консултирале „360 степени“, вели дека фразата „dafur stehe ich“, која ја користи Шолц, би ја превел со „јас стојам зад тоа“, но додава дека еден од алтернативните преводи на фразата е „гарантирам“. Преведувачката што симултано го толкуваше германскиот канцелар на синоќешната прес-конференција ги кажува двете варијанти на преводот. Прво вели „зад тоа стојам јас“ и потоа се дополнува (дообјаснува) со – „гарантирам“
Станува збор за одговор на Шолц на новинарско прашање поврзано со билатералните односи меѓу С Македонија и Бугарија и евентуално поставување нови услови, покрај внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Во тој контекст, германскиот канцелар Олаф Шолц беше прашан дали за него е прифатливо да се поставуваат нови услови со оглед дека за Македонија сè беше дефинирано минатата година во преговарачката рамка, особено околу стартот на преговорите.
Според симултаниот превод на македонски јазик за време на прес-конференцијата, Шолц на ова одговори:
„Ќе бидам јасен, тоа е јасно договорено и треба така да биде, да биде редовен пристапен процес, според постапките кои се управуваат од ЕУ, тоа се работи кои се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесува до билатералната состојба. Зад тоа стојам јас, гарантирам“.
И покрај тоа пратеникот во Собранието и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, смета дека станува збор за грешка во преводот.
„Цениме дека е направена грешка во преводот, намерна или ненамерна од службите. Изјавата на канцеларот Шолц е дека не треба да има нови условувања, што е, секако, и наш партиски став, меѓутоа тоа не се гаранции дека нема да има нови условувања“, рече денеска Ковачки.
Во денешните настапи на СДСМ доминираат пораките за добиени цврсти гаранции од канцеларот Шолц – дека нема да има нови услови на евроинтеграцискиот пат на земјава.
Поврзано: